Меѓународна конференција за образованието по математика, физика и сродни науки!

септември 24, 2019

Годинава, на Природно-математичкиот факултет во Скопје, по втор пат ќе се одржи Меѓународна конференција за образованието по математика, физика и сродни науки. Конференцијата е во организација на Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), а како коорганизатори на настанот се јавуваат институтите за математика и физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје и Сојузот на математичарите на Македонија (СММ).

Во периодот од 27 до 28 септември, во две посебни секции, близу 300 учесници ќе учествуваат во работата на конференцијата со свои презентации, дискусии и дебати. Најголемиот број учесници се наставници по математика, физика и природни науки од основните и средните училишта во државава, но и од соседните држави, како и одделенски наставници. Исто така, ќе учествуваат и колегите од државните универзитети во Македонија. Поканети се еминентни имиња од областа на методиката на наставата по математика и физика од Србија, Хрватска, Бугарија, Словенија и Босна и Херцеговина, кои во текот на двата дена ќе ги пренесат своите согледувања и резултатите од научните истражувања поврзани со новите методи и иновативните пристапи во наставата, наставните програми, реформите на образовните системи, искуствата од работата во кроењето на образовните политики, историските согледувања за развојот на природните науки и математиката и поединечни пристапи кон обработката на наставните содржини. Во најголем дел ќе стане збор за личните искуства на наставниците кои се залагаат за изнаоѓање решенија за сите проблеми кои години наназад го следат образовниот систем во нашата држава.

Во текот на дебатите планирани во двата дена, ќе се согледаат состојбите и предизвиците во образованието кај нас, а донесените заклучоци ќе бидат доставени до сите релевантни институции. Со истата намена веќе е испечатен и Зборникот на трудови од конференцијата, во кој може да се најдат 65 податливи текстови за разните аспекти на образованието и искуствата кај нас и во странство.

Во оваа прилика, организаторите ја користат можноста најискрено јавно да му се заблагодарат на генералниот поддржувач на конференцијата, Просветно дело АД, Скопје, без чија помош немаше еднакво успешно да се подготват сите аспекти на претстојната конференција.

На свеченото отворање на конференцијата своето присуство го најавија претставници од Министерството за образование и наука, од Бирото за развој на образованието и од други институции директно вклучени во образовниот систем.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ