Радев ќе организира дебата за заедничката историја меѓу Македонија и Бугарија на денот на смртта на Гоце Делчев!

мај 2, 2022

На денот на смртта на Гоце Делчев, на 4 мај, во Софија под покровителство на бугарскиот претседател Румен Радев, ќе се дебатира на темата „Гоце Делчев и заедничката историја на Бугарија и Македонија – меѓу фактите и идеологијата.“

Дебатата за заедничката историја меѓу двете земји доаѓа на десет дена пред одржување на новата рунда разговори, поточно состанок на мешовитата историска комисија меѓу Македонија и Бугарија закажана за 12 и 13 мај во Софија, а која пред повеќе од една година го стави под мраз прашањето за Гоце Делчев откако по неколку состаноци не успеаа да се усогласат дали е на Комисијата да го одредува или не, етничкиот идентитет на македонскиот револуцинер Делчев.

Дополнителна тежина на целата конференција, освен тоа што е под покровителство на Радев, кој неодамна ја обвини Македонија за фашизам и концентрациони логори во кои биле убивани Бугари, му дава и тоа што на панелот за европската зрелост на Македонија во контекст на добрососедството ќе говори и претседателот на бугарската страна во Комисијата за историски прашања, Ангел Димитров.

Ден претходно, утре, па ќе се промовира нов неформален клуб за бугарско-македонско пријателство, чија цел е токму надминување на тензиите кои изминатиот период се создадоа меѓу двете змеји со ветото и политичките изјави од двете страни. Досега, како што за Телма информираше Катерина Колозова, една од иницијаторите од македонска страна за формирање на клубот, на списокот на луѓето кои се приклучиле на неформалниот клуб има повеќе од 100 имиња од двете страни на границата.

Колозова вели дека токму заострувањето на односите меѓу двете земји бил мотивот за формирање на неформалниот клуб, чија цел е токму спротивното, приближување на односите меѓу луѓето од двете држави и промовирање на европските вредности.

Меѓу попознатите имиња на списокот на неформалниот клуб за пријателство запишани од бугарска страна се писателите Алек Попов и Чавдар Ценов, универзитетските професори Александар Ќосев, Ивајло Дичев и Маја Грекова, новинарите Бојко Станкушев, Иво Беров и Димитар Кенаров, но и советникот на претседателот Жељу Желев за етнички прашања, Михаил Иванов, додека од македонска страна се и новинарите Марјан Николовски, Столе Наумов, политикологот Љупчо Петковски, но и политичарите Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ