strumica denes logo

НА ГЛАСАЊЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНО СО МАСКА, ИЗБИРАЧКИТЕ МЕСТА ДЕЗИНФИЦИРАНИ!

Автор:

Датум:

јули 15, 2020

Категории:

Политика

Автор:

Датум:

јули 15, 2020

Категории:

Политика

 

Гласањето на денешните предвремени парламентарни избори, и покрај актуелната пандемија на КОВИД-19, ќе биде безбедно за граѓаните кои ќе одлучат да одат во избирачките места и да гласаат.

Ќе се гласа во согласност со Упатството на ДИК и протоколите на Комисијата за заразни болести, кои предвидуваат мерки на заштита на избирачките места, за членовите на избирачкиот одбор кои го спроведуваат гласањето, за набљудувачите, како и за гласачите.

– Според протоколот за гласање, најпрвин полицијата на влезната врата од гласачкото место ќе бара гласачите да стават заштитна маска.
– По влегување во објектот, ред за гласање се чека на дистанца.
– При влегување во просторијата, гласачот прво ги дезинфицира рацете, ѝ ја подава личната карта на изборната комисија. Накратко, ја симнува маската за идентификација, гласа и на излегување повторно ги дезинфицира рацете.

– Во просторијата за гласање не може истовремено да има повеќе гласачи од вкупниот број паравани за гласање.

– Не може да гласа лице што не носи маска или одбива да ја извади за идентификација.

Гласањето на парламентарните избори на изборниот ден 15 јули ќе биде продолжено за два часа и ќе трае до 21 часот.

Гласање според Упаството на ДИК

Гласачките места ќе бидат отворени во 7 часот наутро, а претходно е спроведено темелно механичко чистење и дезинфекција на просториите или објектот за гласање, како и на тоалетите.

Во зависност од можностите и условите пред и во гласачкото место ќе се постават на јасно видливи места едукативно информативни материјали за почитување на заштитните мерки и препораки. Задолжително ќе бидат обезбедени средства за дезинфекција, ќе се врши редовно, а по можност и зачестено одржување на хигиената. Се препорачува во просториите што ќе се користат како гласачки места прозорците да бидат отворени за време на гласањето или, пак, зачестено да се проветруваат на секој час.

На гласачкото место Избирачкиот одбор задолжително го одржува редот и дисциплината при влезот, во внатрешноста и при излезот од гласачкото место или објектот, заради почитување на заштитните мерки и препораки, односно запазување на потребното растојание помеѓу лицата при влегување, внатре во просторијата и при излез од гласачкото место, дали е извршена задолжителна дезинфекција на рацете при влез во гласачкото место и задолжителното носење на лична заштитна опрема, односно маска.

Во зависност од можностите и условите ќе се постават соодветни ознаки за правецот на движење на гласачите и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на гласачите пред и внатре во гласачкото место.

На секое избирачко место задолжително ќе има средства за дезинфекција и корпа за отпадоци. Лицето кое гласа задолжително мора да носи заштитна маска или шал или марама или прекривка преку носот и устата.

Гласачите мора да држат растојание од 1,5 до 2 метри при влез во избирачкото место и при излез од него. При самото влегување во внатрешниот простор гласачот најпрво ги дезинфицира рацете. По приложување на документот за лична идентификација, накратко ја отстранува личната заштита од лицето заради негова идентификација и притоа го запазува минимум потребното растојание од членовите на ИО.

Во гласачкото место ИО не смее да дозволи истовремено присуство на повеќе гласачи од бројот на паравани за гласање. При напуштање на гласачкото место гласачот врши задолжителна дезинфекција на рацете.

Во Упатството во делот што се однесува на членовите на ИО и сите останати лица на кои им е дозволено да бидат присутни на гласачкото место за време на гласањето и кои го следат гласањето им се препорачува задолжително да ги почитуваат општите заштитни превентивни мерки и пораки.

Тие од моментот на влегување на гласачкото место за време на гласањето и по неговото завршување при извршување на работата и работните активности мора да носат заштитни маски и ракавици без разлика на физичката дистанца. Заштитната маска членовите на ИО мора да ја менуваат на секои четири часа додека ракавиците се менуваат при одење во тоалет и при пауза за јадење. Членовите на ИО мора да одржуваат физичка дистанца од 1,5 метар.

Членовите на ОИ и сите лица на кои им е дозволено да бидат присутни при отворањето на гласачките кутии и сумирање на резултатите потребно е да носат заштитни маски и ракавици без разлика на физичката дистанца која треба да изнесува минимум 1,5 метар.

По завршување на изборните активности гласачките места од страна на ДИК ќе бидат темелно механички исчистени и ќе се изврши дезинфекција на просториите и тоалетите.