Советот на општина Василево ги донесе урбанистичките планови за Владевци, Ангелци и Градашорци!

јули 13, 2022

Советот на општина Василево, на седница, ги усвои Урбанистичките планови за населените места Владиевци, Ангелци и Градашорци, сите за периодот 2018-2028 г.

Површината опфатена во планскиот опфат за с. Владевци изнесува 38,85 ха, за с. Ангелци, 40,67 ха и за с. Градашорци 103,49 ха. Образложение даде градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов, кој нагласи дека урбанизацијата значи плански развој на населените места од кој бенефит ќе имаат и општината и граѓаните на населените места, кои ќе можат да ги направат оформување на сопствените парцели и на тој начин да си ја зголемат вредноста на сопствениот имот.

Градоначалникот Андонов, образложрение даде и за утврдувањето на приоритен проект со кој општина Василево ќе аплицира во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за средства од Програмата за финансиска поддршка во руралниот развој за 2022 година, а тоа е изградба на пристапен пат за пристап до земјоделско земјиште , крак 3, во с. Василево, за кој советниците едногласно ја дадоа својата поддршка. Според образложението, изградбата на овој крак од патот, познат како „широк пат“, е од витално значење бидејќи може да го користат и жителите на Добрашинци и Нова Маала за поврзување со Василево.

Усвоени беа и Предлог-одлуката за проширување на средства на Буџетот на општина Василево за 2022 година и Предлог-одлуката за измена на распоредот на средствата на Буџетот на општина Василево за 2022 година – и двете за Програмата Основно образование.

Советниците ја усвоија и Предлог-Програмата за измена и дополнување на Програмата за изградба, реконструкција, одржување на локални патишта и улици за 2022 година, за која како што образложи градоначалникот Андонов е усогласување со Ребалансот на Буџетот на општина Василево, кој беше донесен на претходната седница и за истата во текот на наредната недела ќе биде распишана јавна набавка.

Усвоени се и измените во Програмата за изградба на системи за одведување и пречистување на отпадни води, кои се однесуваат на зголемување на износот на средства планирани за изградба на крак од фекална канализација во с. Василево.

Советниците, едногласно го одобрија и Барањето за градежни материјали поднесено од Црковниот одбор на црквата Св. Никола од с. Градашорци.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: