За велигденската трпеза: Печено јагнешко со млади компирчиња, по грчки рецепт

април 13, 2023

Меко одвнатре, а крцкаво однадвор. Како да го подготвите јагнешкото месо за Велигденската трпеза по автентичен грчки рецепт?

Овој рецепт за јагнешко месо е меѓу омилените во Грција, а со него ќе подготвите вкусен велигденски ручек за 5 до 6 лица.

Традиционално, ова јагнешко се подготвувало во фурна на дрва и плехот се запечатувал со тесто, но може да го подготвите и во рерна, а плехот да го прекриете со алуминиумска фолија.

Исто така, ако користите млад компир, можете само добро да го измиете и да не го лупите.

Како да подготвите вкусно јагнешко месо по грчки рецепт?

Потребни состојки:

  • 1,5kg јагнешки бут;
  • 1,5kg млади компири (со средна големина);
  • 2 чешниња лук;
  • 200g домати;
  • 10 шери домати;
  • 1 лажица сол;
  • Свежо мелен црн бибер;
  • 1 лажица оригано;
  • 3-4 гранчиња рузмарин;
  • 2 сочни лимони (1/2 чаша сок од лимон);
  • Сол;
  • 100g путер;
  • 180ml маслиново масло;
  • 1 чаша вода.

Начин на подготовка:

  • Рерната се загрева на 200 степени Целзиусови;
  • Компирите се мијат и се сечат на половинки;
  • Јагнешкото месо се мие, па на две места се засекува со нож и внатре се ставаат чешнињата лук;
  • Јагнешкото и компирите се ставаат во подлабок плех, па се зачинуваат со сол, бибер и оригано;
  • По ова се додаваат исечкани домати, путер, маслиново масло и вода, а празните места во плехот се пополнуваат со шери доматчиња и се ставаат гранчињата рузмарин;
  • Плехот се покрива со алуминиумска фолија и се става да се пече околу 2,5 часа на температура од 200 степени Целзиусови;
  • Плехот се вади од рерната и внимателно се отстранува алуминиумската фолија (внимавајте да не се изгорите од пареата);
  • Полека се превртуваaт од другата страна месото и компирите и се враќа во рерна;
  • Температурата на рерната се намалува на 180 степени Целзиусови и месото се пече уште половина час или додека да добие златно-кафеава боја.
Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ