ЗА ПЕТ ЧАСА ЗАВРШУВА 85 ЧАСОВНИОТ КАРАНТИН ВО МАКЕДОНИЈА!

април 20, 2020

Во 5 часот наутро завршува 85-часовната забрана за движење. Од почетокот на епидемијата на коронавирусот, ова досега беше најдолгото ограничување на движењето, главно предизвикано поради празнувањата на велигденските празници.

Од утре во 5 часот продолжуваат да важат досегашните рестриктивни мерки, а тоа е полициски час од 16 часот секој ден и дополнителните посебни ограничувања за младите и за постарите граѓани.

Од Владата информираат дека се подготвува план според кој од 1 Мај ќе почнел процесот на намалување на рестрикциите и полека враќање на животот во нормала. Овие нови мерки би се воведувале постепено за полека и сигурно да се врати нормалниот тек на живот во нашата земја.

Министерството за информатичко општество и администрација за неделава треба да подготви протокол и анализа со која ќе се регулира систем на набавка на прехранбени продукти и лекови, од страна на само еден член од семејство/домаќинство.

Пензиите ќе почнат да се делат по азбучен ред.

Министерството за здравство вчера соопшти дека од ковид-19 починале уште две лица, новодијагностицирани се 37, со што вкупната бројка достигна 1.207. Оздравени се уште 15 пациенти, шестмина биле на болничко лекување и деветмина што се лекувале во домашни услови.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Скопје на возраст од 66 години и во ГОБ „8 септември“ пациент од Штип на возраст од 83 години, и двајцата со претходни коморбидитети“, соопшти МЗ.

Потврдените 37 нови случаи на ковид-19 се од Скопје 8, Куманово 9, Прилеп 5, Тетово 3, Велес 3, Охрид 8 и Кочани 1.

Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со ковид-19 во нашата земја изнесува 1.207 и тоа во Скопје 409, во Куманово 329, пациенти, Дебар 51, Штип 32, Прилеп 117, во Тетово 55, Струга 55, Велес 58, во Битола 17, Охрид 15, Кавадарци 4, Гостивар 12, Гевгелија 4, Струмица 2, во Крива Паланка 4, Радовиш 4, Крушево 3, Кочани 27, Пробиштип 2, Кичево 2, Неготино 2, Демир Хисар 1 и Македонски Брод 2.

Досега во земјата се направени вкупно 11.870 тестирања на ковид -19.

Од среда (22 април), Владата воведе мерка за забрана за движење на населението на подрачјата на општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење на соодветна заштитна опрема – маска, шал, марама, надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници или слично.

Првпат од почетокот на ширењето на коронавирусот во Северна Македонија се воведува мерка за задолжително носење заштитна опрема.

Таа е дел од повеќето одлуки, мерки и препораки од 44-та седница на Владата, кои се однесуваат на Куманово, Тетово и Прилеп, а кои произлегоа од 30. состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19.

За оваа цел, Владата го задолжи Министерството за здравство да подготви и за наредната владина седница да достави уредба со законска сила во која правно ќе го нормира ова прашање, начинот на имплементирање, користење, потребната заштитна опрема, како и да се уреди прашањето на минимум задолжителната количина (резерва) што производителите на маски треба да ја имаат за потребите на државните институции.

„Во уредбата да се предвиди дека обврската за носење на заштитна опрема ќе се применува на територијата на Република Северна Македонија, но по извесен период“, стои во соопштението.

Министерство за здравство, доби задожение и дел од донациите на заштитна опрема кои земјата ги има добиено до овој момент, да бидат дадени на здравствените установи во општините Куманово, Прилеп и Тетово.

Владата, воедно, го задолжи Аднан Џаферовски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, со уште двајца членови од Главниот координативен кризен штаб да биде во комуникација со Oпштинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, поради потребата од негово консолидирање и тековно следење на состојбите и работата на сите надлежни институции на дневна основа во ова подрачје, со цел одржување на функционална и ефективна работа на овој штаб.

Од утре се забранува организиран превоз на патници, односно забрана за влез и излез во и од подрачјето на општина Тетово и сите околни општини.

Исклучок од оваа забрана, како што соопшти Владата, е организираниот превоз што го вршат економските оператори за своите вработени лица до работните места, како и организираниот превоз на вработените лица во МВР, МО-Армијата, како и вработените во територијалната противпожарна единица во овие општини.

Согласно ова, Владата донесе Одлука за дополнување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територија на Република Северна Македонија.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: