Верниците од Струмица се поклонија пред моштите на столбот на светото православие Свети Василиј Велики.
Во чест на големиот празник Обрезание Господово и оваа година Струмичката епархија ги изнесе моштите на големиот светец на поклонение од страна на верниците.
Веќе традиционално моштите беа изложени во црквата Свети Кирил и Методиј во која дојдоа голем број верници за да се поклонат пред останките од големиот светец и да се помолат за здравје за себе и своите семејства.
Моштите на Свети Василиј Велики Струмица ги има од 1830 година. Отец Димитар Крцев вели дека тие во Струмица пристигнале на чудесен начин, а нив ги донел војник кој во тоа време бил на служба во Кападокија.
Се до 1958 ретко кој знаел за големото духовно богатство кое го поседува единствено Струмичката епархија. Тие биле грижливо чувани од страна на црквата, но пред верниците биле изложени пред околу дваесетина години кога на чело на епархијата дојде владиката Наум. Од тогаш во чест на празникот посветен на Свети Василиј секоја година се изнесуваат за време на службите со цел верниците да може да се поклонат пред нив.