ВО СТРУМИЦА ПРОМОВИРАН ПВИОТ РОМАН НА НАШАТА СОГРАЃАНКА ВИОЛЕТА МИТРОВСКА НАСЛОВЕН „ТАА Е ВЕТЕРОТ“

септември 20, 2020

Во издание на Локалната установа Библиотека “Благој Јанков – Мучето” од Струмица, на 17 септември на просторот пред библиотеката се одржа промоција на првиот роман на нашата сограѓанка Виолета Митровска насловен “Таа е ветерот”.

Во присуство на претставници од Општина Струмица, љубители на пишаниот збор, роднини и пријатели, книгата ја промовираше Васка Кирова, а делови од романот читаше Марија Абрашева, ликот од корицата на романот. На присутните им се обрати и директорката на библиотеката Тања Гошева. Временски, книгата е поделена на шест дела: детство, тинејџерство, себереализирање како жена и мајка, неочекувана средба, разделба и години на тагување и, на крајот, рамнодушност и себељубување. Како што истакна промоторот Кирова, стилскиот тон на авторката е оригинален и едноставен, овозможувајќи му на читателот да се доближи до душевната состојба на ликовите, нивните човекови слабости и доблести, да ја разбере нивната положба, оставајќи простор читателот сам да донесе одлука дали се праведни нивните постапки или не. Митровска сликовито ги опишува ликовите и настаните, од детството до зрелата доба, спојувајќи ги во една совршена низа на зборови.

Промоцијата музички беше збогатена со настап на Љубомир Митровски, а во чест на авторката, којашто е нивна членка, жените од “Вешта жена” и најблиските подготвија овошни, слатки и солени специјалитети.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: