По седницата на Владата, Премиерот Зоран Заев на прес конференција ги објави имињата на функционери и членови на Управни и Надзорни одбори на јавни претпријатија кои ќе ги разреши, а се именувани директно од Владата пред околу две години. Во листа за разрешувања во надлежност на Владата, се најде Директорката на Јавната установа „Завод за заштита и рехабилитација – Бања Банско“, Стојанка Изова која ќе биде сменета од оваа функција.
Премиерот Заев исто така извести дека Владата донесе и листа за разрешувања на членови на Управни и на Надзорни одбори, за кои Владата дава препораки, а во низата на кадровски промени се најдоа и струмичани кои се дел од управните одбори на Установи и Јавни претпријатија.
По препорака на Владата ќе бидат сменети и членови на Управните одбори во трите здравствени установи во Струмица. Ристо Ангелов ќе биде разрешен од функцијата член на УО на Центарот за Јавно здравје во Струмица, Никола Тауков ќе биде разрешен од член на УО на ЈЗУ „Здравствен дом“ во Струмица, а разрешување ќе има и во ЈЗУ „Општа Болница“ Струмица, каде досега член на управниот одбор беше Живорад Ќурчиев.