(ВИДЕА) ИНТЕРВЈУ НА СТРУМИЦА ДЕНЕС СО „ЕРИХОН“ – МУЗИЧКА ГРУПА ЧИЕ ТВОРЕШТВО ВО ОСНОВА Е ХРИСТОЦЕНТРИЧНО!

декември 28, 2020

„Ерихон“ е нова мзуичка група која се разликува од останатите во Македонија. Се работи за музика чие творештво во основа е Христоцентрично, а дел од „Ерихон“ е и нашиот струмичанец Лука Митев. На наше големо задоволство, интервју со „Ерихон“.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Од каде идејата за бенд со таков стил на музика, што всушност ве мотивираше?

ЕРИХОН: Првичната идеја за создавање бенд, чие творештво во основа ќе биде христоцентрично, дојде при процесот на снимање на документарниот филм „Уметност над уметностите“. Поголемиот дел од луѓето кои учествуваат во создавањето на филмот, се всушност, основачи, членови или поддржувачи на самиот бенд. Она што го живееме сакавме да го пренесеме во накакви иманентни рамки, а музиката и филмот се најпристојните сретства за искажување на внатрешните состојби.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Што значи името Ерихон?

ЕРИХОН: Ерихон е еден од најстарите живи градови – поранешен Израел, денес се наоѓа во Палестина. Познат е како град кој бил седумпати заобиколен, за седум дена, од Израилевите синови, чии затрубувања ги срушиле неговите ѕидини. Зборуваме за периодот кога избраниот народ ја освојува ветената земја. Старозаветно гледано овие настани се препеани во Освојување/Ослободување. Но, оваа песна има и новозаветен карактер, поради тоа и самото име на песната е дуално. Раав, ерихонската блудница е во родословното стебло на Христос, исто така лекувањето на двајцата слепи (Мт 20, 29) и качувањето на смоквата на началникот на митниците Закхеј (Лу 19, 2) за да Го види Христос, се случило во Ерихон. Лично за нас како бенд, Ерихон нема едно и конкретно значење, тој е и слика и праслика.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Колку членови брои вашиот бенд?

ЕРИХОН: Бендот брои 5 стандардни членови, плус тапанар. Бранко Букушовски како вокал, Огнен Златанов – гитара, Наум Кутлешовски – бас-гитара, Лука Митев саксофон и Столе Стојановски клавијатури. Сепак, колку и кои и да се челновите на бендот е прашање од второстепено значење, бидејќи пред сѐ, важна е музиката која ја создаваме, односно текстовите, што имаат за цел тие да покажат или предизвикаат кај слушателот. Одговоривме на ова прашање само затоа што ни го поставивте.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Според вас, дали Македонија како земја е подготвена да ја прими оваа бунтовно духовна музика?

ЕРИХОН: Да се надеваме… Треба да ни е јасно дека оваа музика што ја твориме, не е популарна и согласно тоа не може да има широки размери на слушателска публика. Секој лично треба да ја прими и разбере. А бунтот што го спомнавте – обично музиката го изнесува од внатре кон надвор со што сака да направи надворешни промени во заедницата или општеството на кое му припаѓа (ова е кажано во преносна смесла, секако се однесува на луѓето кои ја пренесуваат). Но, оваа музика што ние ја создаваме бунтот го насочува од надвор кон внатре, целта е многу јасна – себесогледување и започнување на процес на себепреобразба. Самата музика е лествица, односно средство за сопственото усовршување, а не крајна цел.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Вашите планови за во иднина?

ЕРИХОН: Првичниот план е завршување на албумот „Невечерен ден“, од кој првите две песни веќе се објавени: „Освојување/Ослободување“ и „Епитаф“, а во претстојниов период ќе се објават уште две. Овој албум ќе брои 12 теми, а за други проекти мислам дека е рано да се зборува.

СТРУММИЦА ДЕНЕС: За крај, што би им препорачале на нашите читатели?

ЕРИХОН: Да станат и наши слушатели.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ