ВЕЧЕРВА КАКО ДА ИГРАМЕ ГОЛЕМО ФИНАЛЕ: МАКЕДОНИЈА-Бугарија пред полн стадион во Разград!

јуни 2, 2022

Македонската репрезентација денеска од 18 часот на „Хувефарма арената“ во Разград со дуелот против Бугарија стартува свој нов пат во Лигата на нации во желбата за прво место во групата и битка за пласман на ЕП 2024.

Јасно е дека избраниците на Благоја Милевски ги очекува повеќе од напорен пат во Ц-лигата, посебно низ јунскиот собир во кој ги очекуваат дури четири натпревари, но факт е дека целокупниот фокус во моментов е само на дуелот со Бугарите кои се и први носители во групата.

„Фаворит пред почеток на натпревар никогаш ниту постоел ниту ќе постои. Фаворитот се наметнува на самиот натпревар, па така ќе биде и на денешниот дуел. Секако, ние сите оние досегашни игри сакаме да ги демонстрираме и во Лигата на нации, и за тоа мора максимален ангажман без разлика на тоа што, за жал, Лигата на нации ја почнуваме со одредени проблеми поради повредени фудбалери и оние кои мораа да одмараат поради напорната сезона. Но, сите кои се со нас се максимално подготвени, верувам, за уште едно успешно докажување на терен“ – вели селекторот Милевски, кој е свесен дека денеска во Разград Македонија ја очекува силно мотивиран противник кој атакува на победа.

„Добро го анализиравме противникот, и многу добро знаеме дека не очекува квалитетен противник, силна екипа која има своја цел. Верувам дека ќе биде квалитетен натпревар и посакувам само подобриот на терен да победи. Факт е дека секој натпревар е натпревар за себе. Секако, мора да имате план за секој нов дуел и секој нов противник, но што ќе се случува ќе видиме на самиот натпревар“.

Во отсуство на Стефан Ристовски, новиот капитен на националниот тим Енис Барди го потенцира значењето на овој дуел кој е почеток на третата сезона во Лигата на нации, но нагласува дека мора внимателно да се пристапи кон натпреварот затоа што во модерниот фудбал нема фаворити…

„На минатите натпревари оваа година ние бевме во подредена улога, но ете видовте и самите дека не постојат фаворити па ние изненадивме селекции како Германија или Италија. Тоа треба да ни укаже дека треба голем фокус и на утрешниот дуел и без залетување. Нормално дека ни е важен овој старт на новата сезона во Лигата на нации. Сега имаме и одредени освежувања, нови имиња во селекции. Посакуваме добар почеток, секој следен натпревар ни е најважниот во моментов па сигурно сега единствено сме фокусирани на дуелот со Бугарија“ – вели Барди.

Македонија по денешниот натпревар со Бугарија, веќе утре директно од Варна патува за Малага а потоа до Гибралтар каде во недела (5. јуни) ја очекува вториот натпревар од Лига-Ц во Лигата на нации.

ЛИГА НА НАЦИИ – ЛИГА Ц (Група 4, денеска, 18 ч.)

Бугарија – МАКЕДОНИЈА

Грузија – Гибралтар

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ