Утре ќе се знае дали минимална плата од 18.000 денари ќе легне на сметките на работниците или ќе се бара од улица!

јануари 30, 2022

Утре ќе се знае дали работниците за овој месец ќе земат поголема минимална плата или Сојузот на синдикатите на Македонија ќе ги повика да ја прекинат работата и да се приклучат на генерален штрајк.

Двапати одложената средба на претставници на ССМ и на Владата, конечно треба да се одржи денеска. На исходот од тој состанок чека главниот штрајкувачки одбор кој веќе е формиран. ССМ ги повика синдикатите здружени во него да се подготват да дадат поддршка на сите облици на притисок и организирање на генерален штрајк ако не се исполнат двете барања. Првото барање е итно да се донесе предлогот на ССМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата со кој таа во бруто-износ би била 26.476 денари, а нето 18.000 денари и нејзината висина да не може да биде пониска од 60 отсто од просечната исплатена месечна нето-плата по вработен во последните три месеци. Истовремено се бара и платите на останатите работници задолжително да се усогласат со порастот на минималната плата согласно Закон и колективен договор. Второто барање е потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор, со кој, како што велат од ССМ, ќе се врати изгубеното работничко право на регрес за годишен одмор за вработените во јавниот сектор.

-Претседателството на ССМ е овластено за главен штрајкувачки одбор кој во наредниот период ќе организира и спроведува разни облици на притисок како и да организира штрајк, по однос на утврдените барања на ССМ, а во зависност од преговорите на претстојниот состанок со Владата на 31. 1. 2022 година. Со одлуката се задолжуваат синдикатите согласно нивните Статути да ги спроведат сите постапки пред нивните органи и тела во насока на неопходност и солидарност со претстојните активности за спроведување на штрајкот и на разните облици за притисок и изразување на работничкото незадоволство, појаснуваат од ССМ.

Од Синдикатот најавија дека утре, во зависност од резултатот на преговорите, штрајкувачкиот одбор ќе утврди време и начин на изразување на работничкото незадоволство преку спроведување на штрајкот и разните облици за притисок.
-На работниците платите им требаат веднаш и тоа уште утре да се случи, минималната плата од 18.000 денари ни треба веднаш, категоричен е претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Тој вели дека штрајкот е неопходно решение за имплементирање на минималната плата од 18.000 денари и за зголемување на останатите плати.

-Со 15.200 денари минимална плата, а потрошувачка синдикална кошничка од 35.040 денари не се задоволуваат потребите на четиричлено семејство. Штрајкот е неопходно решение за тоа што го бараме веднаш. Првата заложба ни е зголемување на платата за да преживееме во текот на следниот месец, кога ќе ни дојдат зголемени сметки за струја, топлинска енергија, нафтени деривати, изјави тој во телевизиско гостување.

Предлогот за измени на Законот за минималната плата ССМ го достави до Собранието на 17 декември и тој беше поделен на пратеничките групи. Дури минатата недела, месец и половина по добивањето до Собранието, го достави партијата Левица. Сега од ССМ очекуваат дека во најскоро време овој нивен предлог ќе се најде на дневен ред и ќе биде изгласан.

-Уште еднаш ги повикуваме пратениците во Собранието сите заедно веднаш да го изгласаат предложениот Закон од ССМ за зголемување на минималната плата и сите останати плати согласно Закон и Колективен договор, aпелира ССМ.

Од друга страна, од Владата сметаат дека едностраните ултимативни решенија како ова од ССМ не се конструктивни.

-Сметам дека не треба да се вратиме наназад. Дали ќе има минимална плата од 18.000 денари, да, ќе ја има. Тој момент кога заеднички ќе одлучиме дека минималната плата од висина на која што заеднички ќе одлучиме. Јас сум кажал еднаш и кажувам пак, дали заедничката одлука ќе биде 18.000 или повеќе, тоа ќе биде заедничка одлука на сите социјални партнери. Тоа е трипартитен дијалог во којшто одлучуваме кој и колку треба да се покачи во тој момент за да нема штета. Зошто едностраниот начин може да повлече други еднострани решенија, смета вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ