strumica denes logo

Тренчевска: За утврдување на минималната пензија ќе се разговара во 2023!

Автор:

Датум:

октомври 8, 2022

Автор:

Датум:

октомври 8, 2022

Време е да се разговара за утврдување на минималната пензија на ист начин како што имаме утврдена минимална плата, смета министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. Таа денес на вториот ден од „Текстилијадата“ во Штип, одговарајќи на новинарско прашање за барањата на пензионерите минималната пензија да изнесува 20.000 денари, рече дека в година ќе се одлучува колкава да биде минималната пензија.

„На состанокот кога го креиравме моделот за усогласување на пензиите, зборувавме со претставниците на Сојузот на пензионерите дека време е во 2023 година да почнеме да разговараме за систем на минимална пензија, како што имаме и минимална плата, меѓутоа колкава ќе биде зависи од анализите што треба да се направат во меѓувреме и секако во дијалог со Сојузот на пензионерите. Време е да се размислува за минимална пензија“, рече министерката Тренчевска.

Таа потсети дека со усогласувањето во јануари од 2,9 % и сегашното од 6,8 % пензиите се покачени речиси 10 %, нешто што никогаш во изминатиот период не се случило, а следно усогласување ќе има во март 2023 година.

„Кога градиме систем, градиме за да имаме резултати и на краток и на долг рок, но ако сакавме да бидеме популисти, можевме да кажеме на сите линеарно покачување од две, три, пет илјади денари. Ќе го осетат во самиот момент, но тоа не е систем што значи трајно решавање на проблемот со усогласување. Како министерка за труд насочена сум кон трајни системски решенија, кои даваат резултати и на краток и на долг рок“, рече министерката Тренчевска.

По последното усогласување со кое пензионерите добија покачување на пензиите од 6,8 %, особено пензионерите со најниски пензии, сè погласно кажуваат дека покачување од 700-800 денари не значи многу во услови кога цените на основните продукти последниве месеци се речиси удвоени.

Според последната анализа што ја објави Фондот за пензиското и инвалидското осигурување минатиот месец, во јули пензија добиле 330.884 пензионери. Најниската исплатена пензија била 10.276 денари, а највисоката 60.294 денари.