СТРУМИЧКИ ОСНОВЦИ 15 ДЕНА ПРЕСТОЈУВАА ВО ДЕТСКОТО СЕЛО ПЕСТАЛОЦИ ВО ТРОГЕН, ШВАЈЦАРИЈА – ПОЗИТИВНО ИСКУСТВО ЗА СИТЕ УЧЕНИЦИ И СУПЕРВИЗОРИ!

јули 25, 2022

Ученици од основните општински училишта „Маршал Тито“ и „Никола Вапцаров“ од Струмица и „Маршал Тито“ од Муртино, согласно Проектот за интеркултурна размена на ученици од основните училишта во општина Струмица „Јакнење на мултиетничката соработка со општините“ со кој градоначалникот Костадин Костадинов има склучено меморандум за соработка, престојуваа во детското село Песталоци во Троген, Швајцарија.

Во таа размена учествуваа 40 ученици и 6 супервизори од трите училишта заедно со директорката Благица Устапетрова. Учениците престојуваа 15 дена, од кои една недела заедно со ученици од Швајцарија. Освен активности за запознавање меѓу себе, за идентитетот, за говорот на телото, дискриминација, преку игри, дискусии и активности во групи, нашите ученици им приредија креативен пречек со презентација на македонска храна на учениците од Швајцарија.

Во текот на викендите, учениците посетија прекрасни места од кои градот Констанц во јужна Германија каде се наоѓа преубавото Боденско Езеро. Потоа беа во Сент Гален мало мирно гратче во Швајцарија во близина на Троген, познат по старите градби со декоративни прозорци, а ја посетија и познатата катедрала во барок стил. Го посетија и најголемиот научен музеј во Европа, Технорама. Беа и во азурниот Цирих – еден од најголемите градови во Швајцарија, со прекрасното езеро, на најголемите и најмоќните водопади во Европа (Rhine falls) како и на врвот Сентис на Алпите, на надморска височина од 2.500 метри.

Целата размена беше едно големо позитивно искуство за сите ученици и супервизори. Општина Струмица е пример за поддршка на училиштата во проектите и нивна реализација.

Проектот е финансиски поддржан од Детската фондација Песталоци, а за целосна реализација беше помогнат со дел од училиштата, општина Струмица и Фондацијата „Едно општество за сите“ на поранешниот премиер Зоран Заев.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ