СТРУМИЧАНКАТА ВЕСНА БАЧЕВА ВО ИЗРАЕЛ РАБОТИ НА БРЗ ТЕСТ ЗА КОВИД-19!

јуни 17, 2020

Има само 26 години, а веќе два меѓународни патента. Стипендистка е на светскиот гигант ИБМ (International Business Machines Corporation – IBM), кој ѝ понудил докторски студии на Израелскиот научен институт „Технион“. Дел е од тимот кој моментално работи напорно на адаптација на нивниот метод за детекција на Ковид-19.

Светот на Весна Бачева од Струмица е свет кој не може да се види со голо око. Предметите во овој свет се 1.000 пати помали од дебелината на едно влакно. Тоа е светот на нанотехнологијата. Скромна, љубезна и на возраст која се коси со нејзините научни достигнувања, Весна Бачева деновиве ги минува во живописната Хаифа. Ова е нејзината приказна.

– Мојата приказна е добар пример за тоа колку е важно основното образование за иднината на едно дете. Кога бев 4. одделение, мојата учителка Невенка Дончевска го препозна мојот талент за математика и ме спреми за регионален натпревар, каде што ја освоив првата награда. Ова беше почетокот на многуте натпревари на кои учествував до крајот на средното образование. Нејзината доверба во мене ми помогна да го согледам мојот талент и ме мотивира да работам на тоа. По математиката се запознав со физиката и уште тогаш знаев дека сакам да работам во тоа поле – раскажува Бачева.

Многу рано сфатила дека нашето образование не е спремно за тоа што го бара. Најлогичното решение било да замине во странство. Се запишала на додипломски студии на одделот за микротехника на светски познатиот факултет Ecole polytechnique fédérale de Lausanne (EPFL) во Лозана, Швајцарија.

– EPFL е врвен универзитет кој нудеше стипендии и имаше оддел за микротехника, која е нова област што комбинира математика, физика и инженерство, точно тоа што го сакав. Уште од втората година мојот професор по математика ми понуди да бидам асистент по неговиот предмет, а во следните години од моите студии бев асистент и по пет други предмети во областа на математика и физика. Благодарение на мојот висок просек, се здобив и со стипендија која ја доделува факултетот и која покриваше голем дел од трошоците – раскажува Весна.

„Ако не е тешко и предизвикувачко, не сте на правиот пат“

Вели дека нејзината љубов кон науката доаѓа од тоа што целта на науката е да ги реши проблемите на човештвото и да го подобри нашиот секојдневен живот. Еден од најголемите проблеми со кои се соочува секој човек се болестите.
– Затоа имам голема почит кон лекарите кои несебично го посветуваат својот живот за да ги излекуваат своите пациенти. Но, пред да почне процесот на лекување, најпрво треба да ја детектираме болеста. За тоа треба да дизајнираме машини кои можат да детектираат најразлични молекули и честички кои нашето тело ги произведува како резултат од болеста. Тие молекули и честички се многу мали, па затоа мора да дизајнираме мали машини, или научно кажано микро и наносистеми. И тоа е една од главните причини поради кои се одлучив за тој оддел – вели Бачева.

Предизвиците во нејзиниот професионален живот ја мотивираат да работи напорно. Често вели: „Ако не е тешко и предизвикувачко, тогаш не сте на правиот пат“. Но во сето патешествие најголем предизвик ѝ се далечината и одвојувањето од семејството.

– Тие се извор на целата моја енергија. Моето семејство е причината за тоа што сум јас денес – вели Весна.

Целосната и оригиналната вест може да ја погледнете со кликнување ОВДЕ.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ