ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „МОНОГРАФИЈА СТЕФАН БОГОРИДИ“ ОД СТРУМИЧАНЕЦОТ ПЕТАР ТРАЈКОВ!

јуни 7, 2020

Неодамна излезе од печат книгата Монографија Стефан Богориди од автор Петар Трајков. Ова издание овозможува Македонската публика одблиску да се запознае со еден важен отомански дипломат Стефан Богориди (1775-1859) со широк биографски текст кој значи обработка на низа интересни историски, социолошки и политички прилики, личности и настани на Балканот на преминот од осуманести кон деветнаесетти век.

Како што пишува авторот ги посетил речиси сите географски одредници на кои живеел и дејствувал Стефан Богориди, од Арбанаси во Бугарија до Самос во Грција, локации во Истамбул и Букурешт и подвигот го доживеал ,,како да патува низ историјата’’ можеби затоа што многу од геополитичките прилики на Балканот циклично се повторуват и стануват препознатливи.

Стефан Богориди се родил во Отоманската империја во градот Казан, денешен Котел во Бугарија. Според сведочење за британската јавност политичарот Лорд Стратфорд Ретклиф, Стефан е човекот кој успеал со лична умешност и храброст да го издејствува потписот на Султанот врз документот за независноста на Грција, да оствари разни права за Србија, Молдавија, Влашка, на Бугарија пак меѓу другите ги дал големите Раковски и Крстевич кои како ментор ги одгледал во својот дом.

Што би се рекло, денешната општествено политичка реалност на Балканот се развивана како негатив на фотографија во неговиот дом на Фанар подарен од Султанот , а кои неофанариотот Стефанаки бег ги подарил за изградба на познатата Железна црква каде подоцна е сместена и Бугарската егзархија и познатиот Метох до неа на чија фасада и денеска горди стои неговото име.

Станува збор за искусен политичар кој работел во тешки мигови на Отоманската империја и за моќниот суров султан Махмуд II кој не се двоумел заради судбината на својата империја да ги жртвува својот брат, да го обеси Патријархот, да го измачи до смрт Улемата, се работи за Султанот кој ставил крај на јаничарите во земјата, човекот чии реформи не само во финансиите, во војската, во образованието туку дури и во личната облека ( ја заменил чалмата со фес) оставил траен белег на земјите од медитеранот.

Во изработката на трудот на авторот му помогнале повеќе историчари од земјата и од соседните земји за на стотина страници да се опфатат семејните корени и голем број на личности од семејното стебло на Богориди почнувајќи од неговиот дедо Софрони Врачански ученик на Паисиј и прогласен за светец.

Стефан Богориди се школува во Букурешт, во најтешките години на револуцијата 1821 е затекнат во денешна Романија и директно е инволвиран во трауматичните случувања во империјата. По издржаниот затвор повторно се вклучува во дипломатијата и прогресот веќе не може да биде сопрен – набргу се среќава со Рускиот импертор, станува Кнез на остров Самос, член е на Танзиматот.

По исполнет политички и семеен живот, преживеани напади и атентат, Стефан Богориди умира во Истамбул во 1859 година кога личен секретар му е македонецот Динката – Костадин Држиловиќ, познат по својата подоцнежна дејност во Солун. Во книгата се опишани и неколку генерации потомци на Богориди нивните лични животи, нивните бракови со припадници на аристократски семејства, посебно нивната политичката работа, нивните наследници и денеска низ светот во кои освен политичари и светски образовани луѓе и уметници, лекари, архитекти.

Уредникот на ова издание Родне Деолска за Монографијата како свој осврт кон изданието вели: Како што со тек на времето се губат сеќавањата, а фотографиите пожолтуваат, многу моменти остануваат незапишани, па ако нема кој да им ја препознае вредноста и да ги пренесе, како никогаш и да не се случиле.

Затоа монографските трудови како жанр се едни од најпочитуваните во литература. Трајков повеќе од половина деценија целосно се посветува на подготовка на оваа монографија која од еден поинаков агол, ставајќи во фокус значајна политички фигура, отсликува важен историски период.

Во изработката, особено воодушевува богатството од материјали собрани од литература набавена дури од САД, лични посети на сите локации низ Балканот опишани во делото, мал милион споделени податоци и автентичноста на пренесената приказна. Монографијата за Стефан Богориди е труд вреден не само за историјата туку и за политиката и за дипломатијата..

За ова издание пишува и издавачот Илија Марковски од Дата Песнопој од Битола: Стефан Богориди е маркантна личност на неговото време, но неговата личност се провлекува во јавноста и после неговата смрт, односно физичко заминување од овој свет. Посебно импонира стратегиското настапување на Стефан Богориди во политиката, во подготовките за секој проект, неговото целосно оддавање на своето его во консултацијата, советувањето на личности од Дворот, посебно во разните мисии и преговори кои ги вршел. Великите султани и везири гледале кон него со голема доверба во она што го правел, тоа е уште еден показател достоен за почит.

Ние, Македонците треба со доблест да гледаме на активностите, жртвувањата кои ги правел, без разлика дали одел напред или правел отстапки, но и на неговиот живот и целото семејство, зашто ние на крајот од краиштата скоро и да немаме така маркантна личност во политиките на Балканот.

Пред една деценија можноста дополнително да студирам дипломатија ми овозможи да трагам и да изнајдам блиски и сериозни примери на дипломати меѓу кои Стефан Богориди што може да послужат со примерот дека една задача може да биде изгубена, некаде може или треба да се направат отстапки, но секако само силна, организирана дипломатија со реални кадри може да даде оргинална визија за иднината на македонското општество во одбраната на националните интереси – пишува авторот на монографијата.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ