Обично кога се мисли на варено вино, се очекува тоа да биде црвено вино, што е одличен пијалак за затоплување во студените ноќи. Сепак, доколку сте од оние луѓе што повеќе сакаат бело вино, во продолжение еден интересен рецепт и за вас.
Во Германија во претпразничниот период традиционално се пие т.н. Glühwein, што всушност е варено вино со зачини.
Интересен факт е дека вареното вино датира уште од римскиот период. Старите Римјани со цел да го употребат виното што било пред расипување почнале да го варат и да додаваат зачини.
Доколку мислевте дека белото вино не се вари, тогаш сте згрешиле.
Во продолжение проследете рецепт за бело варено вино.
Потребни состојки:
- 1l бело вино
- 1/3 филџан мед
- 1/3 филџан суво грозје
- 1 исечкан портокал на кругови
- 1 исечкано јаболко
- 4 стапчиња цимет
- 1 стапче ванила (или 1 лажичка екстракт од ванила)
- 1 лажичка кардамом
- 1 чајна лажичка каранфилче
- 1 чајна лажичка ѓумбир
Начин на подготовка:
- Виното се става во подлабок сад за варење.
- Се додаваат зачините и овошјето и виното се става да се затопли на средна температура.
- Кога ќе почнат да се прават мали меурчиња на површината на виното, тоа значи дека пијалакот е пред зовривање, па потребно е дополнително да се намали температурата на ринглата/оганот.
- Продолжете да го загревате виното уште пет минути, па потоа тргнете го од оган.
- Готовото вино се покрива и се остава да стои околу 45 минути.
- Пред послужување потребно е уште еднаш да го загреете малку за да се стопли.