strumica denes logo

ПЕТАР МАРКОВ: il Piccolo!

Автор:

Датум:

август 31, 2019

Категории:

Струмица

Автор:

Датум:

август 31, 2019

Категории:

Струмица

Пред неколку дена бев дел од состанок на кој верувам дека 99% од моите колеги – врсници би сакале да присувствуваат. Салата беше полна авторитети, а јас како и во неколку наврати претходно бев најмладиот во просторијата. Кога се наоѓате такво друштво, а згора на тоа и сте најмлад, притисокот кој го чувствувате е на сосема друго ниво. Уште во моментот на влегување стартува вашиот систем за самоевалуација кој се обидува да ви го одреди статусот и позицијата во новото друштво.

Дали поздравот „добар ден“ или „здраво“ е посоодветен? Дали да ги користите манирите на кои ве научиле родителите или тоа би го сметале за патетичен обид за додворување? Дали да бидете доброто момче кое сите ќе го погалат на излегување или ќе ги артикулирате познавањата од материјата која се наоѓа на дневен ред и по цена да влезете во конфронтација со некого?

Таа бура од мисли чија обработка треба да ја назначи нашата позиција во новата хиерархија е едно не толку пријатно чувство заради тоа што претставува разговор со самиот себе, а кога разговарате со некого кој толку добро го познавате нема лажење и недоречености. Познавањето на личните капацитети и недостатоци може да биде една од најголемите движечки сили во развојот на кариерата. Факти кои реално го дефинираат вашето место во друштвото, позицијата на работното место но и на состанокот на кој 99% од твоите врсници би сакале да присуствуваат.

Во ситуација која сте „на чисто“ со самите себе знаете дека ништо не ви следува по автоматизам и никој ништо не ви е должен туку се што ќе направите зависи од вас. Човечките односи се трговија и во зависност од тоа што нудите на пазарот толку луѓето ќе имаат потреба од вас и толку ќе бидете барани. Можеби правите некого да се чувствува убаво а некого безбедно. Можеби за некого претставувате извор на идеи кои може да ги аплицира и да го максимизира профитот во својата компанија. Можеби некој во вас гледа потенцијал за идна соработка и одлучува да го одржува контактот. Сето тоа се варијабили кои се определени од личните компетенции и се одразуваат на вашата кариера и статус во општеството.

Во моментите на анализа на појавите во салата и импресионираноста од можноста да се најдам во такво квалитетно друштво, како тема беше поттикната негативна опсервација од страна на еден од членовите и искористена како основа да произведе обврски за присутните. Обврските пак, дури ниту според моите критериуми како „помлад член во друштвото“ не беа прифатливи да се наметнат на луѓе чиј капацитет треба да биде користен да се креира иднината на државата, па и на светот.

Во мојата глава повторно се огласи алармот како од моментот на влегување во просторијата, но сега бев свесен дека не беше само за себе. Ова беше реакција кон потенцијалната девалвацијата на кредибилитетот на присутните. Додека во моите мисли се случуваше судир помеѓу изнесеното и апликативноста од страна на засегнатите, во салата беше тишина која дополнително ја зголеми ексцитацијата на мојата свест. Беа предизвикани моите норми со обидот за девалвација на вредноста на моменталното опкружување.

Седев немо и збунето. Зошто никој од нив не кажа ништо? Зошто не реагираше некој, некако? Дали не забележаа? Дали можеби сметаат дека не е важно или не вреди да го адресираат? Дали е во прашање ефектот на поделена одговорност? Дали сметаат дека се преголеми авторитети за да го адресираат?

Молчев и јас, со мислата дека потфрлив во мојата мисија да дадам придонес во обликувањето на процесите до совршенство или поточно, до совршенството според мојот капацитет на поимање. Што беше проблемот, зошто не реагирав? Дали беше стравот од превземање одговорност? Дали себедоделениот контекст во системот на новата хиерархија беше премал? Дали моменталниот впечаток ме остави без зборови или само без зелено светло да ги артикулирам моите мисли? Што ќе предизвика ако го направам тоа? Ми требаа многу одговори за многу кратко време.

Но, нешто заклучив. Ако луѓето почесто се изложуваат себеси пред работи кои ги одбегнуваат а знаат дека мора да ги надминат со цел да ги остварат дефинираните лични и колективно цели. Ако ги предизвикаме да погледнат во лицето на работите кои ги плашат – станувааат посилни. Стануваат посилни не знаејќи кои се границите на тоа.

Можете да се прашате. Ако во последните 10 години не избегнувавте да го правите она што знаевте дака морате да го направите и тоа по сопствена дефиниција, во структурата на вредности кои самите ја имате креирано, какви ќе бевте денес?

Постојат впечатливи луѓе кои доаѓаат на свет од време на време и има луѓе кои знаат што сакаат и знаат што можат да бидат ако се оние коишто се. Луѓе кои го артикулираат она што го знаат и покажуваат дека се напред и стануваат посилни и посилни. Можеби токму неговорењето е причината за нашите страдањата и тоа е она што продолжув да не влече надолу. Повторно заради тоа што не сме оние кои сме можеле да бидеме. Постои вистинско ветување во тоа дури и во моментот кога го осознаваме. Тоа значи тека постои друг начин на кој можеме да погледнеме на светот, друг начин на кој можеме да делуваме во светот и сето тоа ќе се рефлектира врз нашиот живот.

Мораме да почнеме да го правиме тоа. Замислете колку други луѓе се однесуваат на истиот тој начин и не реагираат, а колку други реагираат носејќи некомплетни или несоодветни решенија. Тоа е основата за развивање на нееднаквоста или спречување на напредокот на заедниците.

Замислете доколку сите околу нас биле конструктивни, вклучени, биле запознаени со проблемите и понудиле креативни решенија, макар обликувани по своја воља и за своја корист. Добивката од тоа е напредок за сите заедно. Не знаеме колку можеме да постигнеме доколку не се вклучиме сите. Да престанеме да ги трошиме нашите шанси.

Тоа можеби беше мојата шанса која требаше да ја искористам и да го дадам мојот придонес во создавање на подобра работна средина. Колку тоа ќе ја зголемеше мојата понатамошна ефикасност во рамки на тоа друштво? Не знам, но ветувам ќе дознаам на наредниот состанок.

Мојата порака, особено до младите е реагирајте! Не знаеме колку губиме ако не го добиеме тоа што треба. Реагирајте со почит кон искусните, со аргументи кон информираните, со емпатија кон оние кои не можат да се артикулираат самите. Бидејќи молчејќи се осудуваме на стагнација и пропаст.

Пишува: Петар Марков