На компаниите во Република Македонија им недостигаат 10.000 работници годишно!

март 15, 2023

На Македонија сега ѝ недостигаат 10.000 работници годишно, а најзагрозени сектори со недостиг од работна сила се градежништвото, хотелиерството и туризмот. Во овој момент, како што изјави Фатмир Битиќи, вицепремиерот за економски прашања, се разговара со стопанските комори во кои гранки евентуално би увезле работна сила. Според него, примарно е работната сила да се обезбеди од домашниот пазар на трудот.

– Работната сила е потребно примарно да се осигури од домашниот пазар, односно од нашите сограѓани што се невработени, кои треба да се приспособат за да одговорат на потребите на пазарот на трудот. Тоа што во овој момент и, за жал, долги години не е правено, а тоа се вештините и знаењата на тие што се невработени да не одговараат на потребите на пазарот на трудот. Стопанството има потреба да го дополни недостигот од работна сила. Фактот е дека секој ден имаме сѐ повеќе и повеќе компании што укажуваат дека многу тешко наоѓаат работна сила од тоа што го има на располагање во Агенцијата за вработување и од тие што не се пријавени во агенцијата – изјави Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по состанокот со бизнис-делегација на Источниот комитет на Германското стопанство.

Проблемот со недостиг од работна сила во земјава, во најголем дел се должи на масовната миграција на населението во потрага по подобри услови и плати, најчесто во земјите-членки на Европската Унија. Владата планира да го решава овој проблем на два начина: преку квалификација и доквалификација на домашниот потенцијал и преку увоз на работна сила од странство.

– Од каде, колку и како, засега сè уште не е дефинирано, затоа Владата, преку оперативниот план за вработување, работи на различни форми на квалификација и доквалификација за да го подготви домашниот работен потенцијал за пазарот на трудот. Но додека да се случи тоа има потреба од увоз на работна сила, затоа што миграцијата е очигледна не само во Македонија туку и во сите земји од Западен Балкан – вели Битиќи.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ