На денешен ден е убиен Ристоман Попчевски, атентаторот од струмичко Попчево – Храбар и лојален до крај на македонската револуционерна организација!

јули 25, 2022

Ристоман Попчевски е роден 1870 година во струмичкото село Попчево. Неговото семејство се занимавало со земјоделство и сточарство, но и со трговија. Се одликувал со голема смелост, храброст и лојалност кон македонското ослободително дело. Саможртвата ја разбирал како чин на најсвета должност кон којашто се стреми секој македонски револуционерен деец.

Попчевски се оженил со Параскева, родена во истото место. Имале четири деца: Кољо, Томе, Ванѓа и Софка. Последната ќерка, во една прилика, при една жетва била грабната од некои зулумќари-Османлии, и одведена во непознат правец.

Пишува, Бранко Ѓоргиев, кустос–историчар во Н.У. „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј” – Струмица

Во 1904 година, тој од Окружниот комитет добил задача за подметнување темпирана бомба на мостот на реката Вардар по железничката линија Скопје – Солун. Одлуката на Окружниот комитет била во согласност со конгресните решенија на струмичките и солунските делегети донесени во 1904 година на планината Огражден.

Ваквите акции првенствено биле насочени против политичките и економските интереси на Големите сили, како и реакција против индолентниот однос покажан од страна на Османлиската Империја при спроведувањето на реформите во постилинденска Македонија.

Попчевски темелно се подготвувал за извршување на поставената задача. На 4 јули 1904 година, темпираната бомба ја предал на станицата во Удово, адресирана како пакет до Солун. Поради промена на тарифата, возот задоцнил неколку минути такашто пеколната направа наместо на мостот експлодирала на станицата Гевгелија.

По овој настан, во којшто немало човечки жртви, Османлиската полиција уапсила повеќемина лица од Струмица. Меѓу нив биле учителите Петар Хаџи Јорданов и Иван Чонтев, потоа членот на окружниот комитет Доне Лазаров, како и Ристоман Попчевски, за когошто BMPO однапред имала изготвено план за негово заминување од Македонија. Но, таквата можност категорично била одбиена со образложение дека целосно е подготвен да ја споделува судбината со народот. Во тој драматичен миг не помагнале ниту молбите на неговата сопруга.

Уaпceните лица и покрај тоа што биле подложени на жестоки измачувања одбиле да признаат дека учествувале во атентатот. Понатамошната полициска истрага што следела го разоткрила целиот случај, така што Попчевски бил осуден на смрт.

Османлиските власти пресудата планирале да ја извршат во Струмица. Откако дознале дека револуционерните чети се подготвувале на патот Удово – Струмица да го ослободат осуденикот, се откажале од таквата намера. Ристоман Попчевски бил обесен во Гевгелија на 25 јули 1904 година.

По овој настан, Организацијата понудила сопругата на Ристоман да замине на определено место каде што постоеле можности за нејзина пристојна егзистенција и школување на децата. Откако го одбила предлогот продолжила посветено да работи за ослободителното дело, грижејки се првенствено околу собирање храна и облека за македонските револуционерни чети.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ