На денешната четврта седница, членовите на Советот на општина Струмица, го усвоија Буџетот на Општината за 2022 година. На седницата присуствуваше и градоначалникот Костадин Костадинов, кој во изјавата за медиумите рече:
-Вкупниот буџет изнесува 1 милијарда и 340 милиони денари, од кои 47 проценти се блок дотации, а основниот буџет изнесува 652 милиони денари. Иако, со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа сме ограничени во однос на зголемувањето на буџетот, имаме зголемување, а станува збор за наменски средства коишто веќе ги имаме на основната сметка на буџетот на Општината во износ од 126 милиони денари наменети за започнување со реализација на проектот „Нова социјална населба во Турското маало“.
При креацијата на буџетот ги поминавме сите можни фази кои се неопходни и кои не донесоа до заклучокот дека тој е граѓански и развоен буџет, во кој учествуваа и граѓаните преку собирите во урбаните заедници и населените места, преку четирите сесии на Форумот во заедниците на кои се утврдија 3 приоритети коишто се вметнати во овој буџет.
Во креирањето на буџетот за 2022 година, посебен фокус ставив на приходниот дел на Општината и ако го земеме в предвид фактот дека 61 процент од основниот буџет би го реализирале токму од комуналиите за градба, од продажба на градежно земјиште, јас сум убеден и оптимист дека имаме силни компании, мотивирани и подготвени да инвестираат во општина Струмица, придржувајќи се на сите Закони за градење, Законот за урбанистичко планирање и останатите закони кои се во рамките на нивната работа, истакна градоначалникот Костадинов.
Тој ги најави и најважните проекти во следната година: започнување со изградба на Социјалната населба во Турското маало, изведба на новиот булевар „Братство Единство“ кон Агро берза каде што ќе се гради новиот градски пазар, изградба на нов ученички дом во СОУ „Димитар Влахов“, самохраните родители ќе бидат ослободени од плаќање на надоместокот за нивните дечиња во градинките, а дотацијата за секое новороденче ќе биде зголемена од 3 илјади на 6 илјади денари. Општината директно ќе субвенционира во цената на гасот по метар кубен за домаќинствата од 10 денари со што им се излегува во пресрет на граѓаните во оваа енергетска криза и се влијае и врз намалувањето на загадувањето на воздухот, а ќе се реализираат и многу инфраструктурни проекти, од водоводи, фекални и атмосферски канализации и улици во градот и населените места.