КОЛУМНА НА ПРОФЕСОРОТ ОЛИВЕР ЦАЦКОВ: КОГА БОЖИЌНАТА МАГИЈА ЌЕ ОЖИВЕЕ А ОРУЖЈЕТО ЌЕ СТИВНЕ!

декември 20, 2020

Колумна за Струмица Денес на професорот од УГД Оливер Цацков:

Декември е месец во кој обично го сумираме се она што поминало од почетокот на истата. Се прави биланс, се отвора нов лист за следната. Но, пред да го започнеме тој лист не е на одмет да почнеме да размислуваме во насока на онаа толку многу спомнувана, повторувана максима: живеј го моментот. Наместо уште во декември да размислуваме каде ќе летуваме идната година. Но, годината што изминува не остави многу простор за сумирање. Целата година беше и ќе остане запомнета и одбележана со само еден збор- Ковид 19. Многумина веќе тврдат дека оваа година ќе го имаaт најнетипичниот новогодишен дочек до сега. Но, историјата како и што обично тоа го прави, веднаш го демантира ова.

Минатото било сведок на многу потешки моменти. Тие моменти биле и инспирација за нешто што многу ретко се случува, особено не во воени услови- да го стивнат оружјето. Таков еден момент, е моментот на Божиќно – Новогодишна магија. Најсуптилен пример за тоа било токму Божиќното примирје за време на Првата Светска војна и тоа кога „Мајката на сите војни„ беснеела со сета нејзина жестина. Како всушност, оваа божиќна магија за миг го запрела бројчаникот кој неумерно ги броел човековите животи. А се започнало од божиќните песни кои се разлеале од рововите на британските војници.

Војниците веројатно прашувајќи се зошто сум овде наместо да бидам онаму каде што припаѓам со најблиските. Наместо на миса да бидам во друштво на стаорци, влага и неподносливо студенило. Овој излив на очај многу бргу се префрлил и во соседниот, германскиот непријателски фронт. И, токму таа смеса на емоции, на емпатија, на сфаќање дека и тој што го гледам преку нишан има фамилија и него исто како и мене некој го чека. Едноставно тие моменти ја разобликуват целата ступидност и суровост на војната… и оружјето стивнало.
Наредниот ден, војниците меѓусебно си разменувале поклони, си ги покажувале сликите од најблиските, па дури и заиграле и фудбал. Но, високата политика која ги испратила да загинат за нејзините цели не смеела да дозволи божиќната магија да го спречи тоа. Доволно било еден истрел и брочајникот повторно да проработи и да расте, а божиќната илузија да се искрши и раздроби како во песната на Тагоре. Поштенската служба на армијата од Велика Британија бил единствениот линк што ги поврзувал овие сосема два различни светови. Светот на животот и смртта. Во текот на целиот тек на војната во зоните на конфликти таа испратила вкупно 114 милиони пакети и 2 милијарди писма. Армиските поштари се здобиле со епитетот ˮДедо Мраз во кафено-зеленоˮ поради големата ефикасност на достава на пакети и писма до фамилиите за Божиќ.

Добротворните организации пак, ја собирале британската јавност за да ја покажат својата солидарност кон своите трупи, испраќајќи масовно божиќни подароци. Фудбали, цигари, хармоники, па дури и божиќни пудинзи биле само дел од тие пратки. Дури и ќерката на кралот Џорџ V, принцезата Мери се придружила во таа акција во 1914-тата година со тоа што на секој војник му подарила табакера со цигари. Дури и на кутиите на цигарите од брендот Am ’Con Amore бил напишан слоганот: „Во ров, хаос, далеку од дома или на брод, секој чад ќе го потсети на тебе- давателот“. Слично било и на италјанскиот фронт на границата помеѓу Италија и Австрија. Далматинските војници кои биле во состав на Австро- Унгарската војска, се приклучиле кон локалното население и голем број се упатило кон црквата на полноќната миса. Се славело и пеело на сите страни. Иако и овој фронт бил исклучително брутален, божиќната магија и овде го стивнала оружјето. Утрото војниците добиле поклони кои биле испратени од страна на богатите фамилии од Дубровник. Додека пак, на македонскиот фронт, божиќната магија ˮобичните војнициˮ ги задржале во рововите. Додека германските и бугарските офицeри славеле во штабот во селото Фурка, точно на полноќ кога си честитале, британската артилерија ги ˮпоздравилаˮ со канодада од гранaтирање по целата должина на фронтот. Иако понекогаш знаеле да испукат и по 20.000 гранати, но не и тој ден. Само една канонада. Сѐ во духот на божиќната магија.

Но, најексплицитен пример кој ни ја опишува моќта на божиќната магија е оној со двајцата браќа Македонци кои се бореле на Кајмакчеланската битка. Истите довикувајќи се, еден во ров од српската, а другиот од ровот на бугарската војска, се пронашле.

И тргнале во пресрет за да си го честитаат големиот празник. Но, таа прегратка не траела долго бидејќи во истиот миг ги почуствувале ударите со сета жестина по нивните грбови од страна на бугарскиот офицер за да веднаш се разделат. Судбината на браќата е непозната, но можеби во духот на божиќната магија, преживеале и повторно биле во прегратка по завршувањето на војната.

За среќа денес, единственото нешто што ќе стивне кај нас се трубачите, кафанската музика, можеби огнометите и се надевам петардите. Сите оние што со право негодуваат за тоа дека ќе бидат лишани од за нив прифатливиот начин и место каде сакаат да ја заклучат оваа 2020-та година, сепак можат да извлечат и нешто добро од ова. Како никогаш до сега е актуелна онаа македонска мудрост: Каде и да си, за Божиќ дома да си!
Можеби многу нешта ќе стивнат оваа година, но сепак ќе се отвори прозорецот за она најважното, да се биде во кругот на семејството.

Струмица денес и мојата маленкост Ви го посакува токму тоа. До следното читање…

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: