ЈАПОНИЈА ДОНИРА НОВ УЛТРАЗВУК НА ГИНЕКОЛОГИЈА ВО ОПШТА БОЛНИЦА СТРУМИЦА ВО ВРЕДНОСТ ОД 51.000 ЕВРА!

март 3, 2023

На 3-ти март 2023 г., Амбасадорот на Јапонија Н.Е. ОЦУКА Казуја потпиша договор за „Грант помош на мали проекти за човекова безбедност“ (GGP) со цел да се подобрат основните човекови потреби во Македонија.

Грант договорот беше потпишан со Јавната Здравствена Установа (ЈЗУ) Општа болница Струмица и има за цел да набави 4Д ултразвучен систем за Одделот за Гинекологија, во вкупен износ од 51,462 евра.

Церемонијата за потпишување на проектот беше отворена од заменик градоначалничката на Општина Струмица, г-а Елена Меѓаровска Паликарова, а договорот го потпишаа директорката на ЈЗУ Општа болница Струмица, д-р Катерина Кузмановска, заедно со Амбасадорот на Јапонија Н.Е. Оцука Казуја.

„Новиот ултразвучен систем ќе обезбеди поголема здравствена заштита на трудниците и новороденчињата во нашата болница и пошироко во југоисточниот регион“, потенцираше директорката на Општа болница Струмица, д-р Катерина Кузмановска.

Во обраќањето, Амбасадорот Оцука истакна дека: „Јапонскиот народ е среќен и горд што му помага на македонскиот народ да има поквалитетни здравствени услови.“

Заменик градоначалничката на Струмица г-а Елена Меѓаровска Паликарова додаде: „Ja користам оваа прекрасна можност да се заблагодарам на пријателска Јапонија, Aмбасадата на Јапонија во Македонија и Н.Е. Aмбасадорот Оцука Казуја, за оваа прва поддршка од GGP-програмата.“

Преку проектите од програмата за мали грантови (GGP), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 74 училишта и градинки, 66 здравствени установи и обезбеди 35 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 51 општина.

Јапонија континуирано ја поддржува Северна Македонија во различни сектори, како инфраструктурен развој, подобрување на здравствените услуги, образованието, животната средина, култура, помош при природни катастрофи и бегалски кризи, како и итна помош која изнесува повеќе од 423 милиони евра, како и друга нефинансиска помош.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: