ИНТЕРВЈУ НА СТРУМИЦА ДЕНЕС СО СЛАТКАРИСТИКА: Не сум ни помислил да се споредувам со било кој друг затоа што мојата појава е многу поинаква од другите!

декември 6, 2022

Инспирација на сите оние кои знаат колку е трнлив патот до успехот. Марко Маринковиќ – Слаткаристика, човекот кој последниве неколку години го освојува целиот Балкан со неговата музика, стил и начин на пишување. На наше огромно задоволство, интервју со Слаткаристика.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Слаткаристика, per aspera ad astra – преку трње до ѕвездите. Ги прерипна сите препреки и денес си онаму каде треба да бидеш. Како се носиш со сето тоа што денес ти се случува?

СЛАТКАРИСТИКА: Долго време го работам ова затоа што и долго време сум се трудел да го добијам. Пробувам да останам приземен, да не гледам во туѓиот тањир и народски кажано да си бркам работа.

СТРУМИЦА ДЕНЕС:Додека сите се натпреваруваа кој ќе биде подобар „гангстер“, Слаткаристика и понуди на публиката еден нов правец во музиката. Дали начинот на кој успеа преку стихови да допреш до многу млади луѓе те направи поуспешен од останатите рап артисти кои водеа меѓусебни „битки“ пред 10-15 години?

СЛАТКАРИСТИКА: По природа не сум натпреварувачки тип (Џордан синдром) и среќа што многу млад почнаа да ми стануваат смешни тие бетлови и докажувања. Никогаш не сум сакал да ја градам мојата среќа на туѓа “несреќа”. Не сум ни помислил да се споредувам со било кој друг затоа што мојата појава е многу поинаква од другите. Единствено место каде што мојата мисла тече беспрекорно е музиката. Знаете, слепиот слуша беспрекорно, а глувиот гледа како сокол.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Една кратка споредба на Слаткаристика од публиката тогаш и публиката денес. Клубовите секогаш биле полни, но што е сменето?

СЛАТКАРИСТИКА: Сменети се луѓето кои искачаат и често се случува да им пеам на нивните деца 😀 Времето е друго, декадата… Жално е тоа што над 70% од клубовите се затворени, а тоа е показател за одливот на младите.

Остануваме без најбитниот државен ресурс, а тоа се младите и прогресивни луѓе.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Концерот од Метрополис Арена уште држи големи емоции и уште се раскажува. Ќе имаме ли можност повторно да уживаме во еден ваков концерт во иднина?

СЛАТКАРИСТИКА: Тоа беше многу добар концерт, во точно време и на точно место. Се разбира дека ќе има уште многу вакви концерти, јас само што започнав 😀 Сега технологијата е многу понапред и верувам дека може да спремиме многу подобро шоу од тоа од пред 12 години. Моја работа е да вадам музика, а времето ќе си каже кога треба да влеземе во таква “авантура”.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: По големиот успех на „Новиот албум“ од 2012 година, дали подготвуваш нов наскоро?

СЛАТКАРИСТИКА: Албумите некако излегоа од работна пракса во последниве 10 години. Компакт дискот престана да се користи, а дигиталните платежни платформи се’ уште не се прифатени и затоа има застој во вадење на нови албуми. Работам на нова музика, и ако дојдам до таква идеја ќе ве известам.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кој настап од Струмица ти е особено драг и кога повторно во нашиот град?

СЛАТКАРИСТИКА: Не би можел да издвојам, Струмица секогаш ме пречекува најубаво. Струмичани се изузетно топли и пријатни луѓе и секогаш се радувам кога ќе го посетам вашиот град.

Очекувајте ме наскорo!

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Порака за крај од Слаткаристика до читателите на Струмица Денес?

СЛАТКАРИСТИКА: Имате право на храброст, искористете го!

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: