ИНТЕРВЈУ НА СТРУМИЦА ДЕНЕС: ПРОФЕСОРОТ ОЛИВЕР ЦАЦКОВ СО СВОЈОТ ВЕЛОСИПЕД ЈА ИСТРАЖУВА, ФОТОГРАФИРА И УЖИВА ВО УБАВИНИТЕ НА МАКЕДОНИЈА!

јуни 20, 2020

Студените велат дека е една од најпозитивните личности во Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип. Тој, историјата, велосипедот и природата се една нераскинлива врска за која може да се пишува со денови. Почитувани читатели, на наше огромно задоволство интервју со Оливер Цацков, професор по повеќе историски предмети на Универзитетот „Гоце Делчев“, но и личност која постојано со својот велосипед патува низ нашата убава Македонија и надвор од неа. Во продолжение проследете го!

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Професоре, често може да забележиме по вашите фотографии на социјалните мрежи дека постојано сте во движење со вашиот велосипед. Од кога велосипедот станува ваше хоби и што ве поттикна всушност на тоа?

ОЛИВЕР ЦАЦКОВ: Една стара мудрост вели ,секое големо патување почнува со првиот чекор.Во случајот со велосипедот за да ти биде хоби има неколку чекори. Првиот е оној кога ќе сакате да возите и покрај болките во коленото, листовите на нозете и грбот.Вториот чекор е кога нема да се откажете и кога ќе се соочите со силен граден ветер,дожд, студено време.Проблемите со сервисирањето на велосипедот или дупната гума на половина пат до саканата дестинација ,а притоа да немате резервна…Е, откако ќе ги поминете овие фази тогаш ќе го почувствувате допаминот или т.н хормон кој ослободува среќа. И ,затоа дури и по 20 години откако почнав активно да возам се уште не можам да си одговорам на прашањето кога тој ми стана хоби. Веројатно е нешто повеќе од тоа.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Во последниве неколку месеци откако се појави корона вирусот, Во Македонија продажбата на велосипеди е драстично зголемена во однос на минатото. Едно ваше видување, на што мислите дека се должи тоа, дали луѓето полека ја разбираат вистинската вредност на природата и тоа дека сме должни да ја заштитиме без да ја загадуваме?

ОЛИВЕР ЦАЦКОВ: Се разбира дека, ние во Македонија, односно поголемиот дел од нас, никогаш нема да ја разбереме вистинската вредност на природата. Во прилог на констатацијата ќе ја спомнам грдата слика на фрлениот смет на локалниот пат што води до Подгорските села,искршените спортски реквизити на патеката што води до црквата Св.Илија,и трагите од нашето присуство секаде каде што ќе стапнеме во природа.И, затоа како вљубеник во природата навистина тешко можам да разберам зошто толку здушно го сквернавиме она што ни е дадено да не облагороди и духовно прочисти. Оттука , можам да заклучам каква ние природата таква ни е и душата. Во врска со првиот дел од прашањето сметам дека пандемијата само делумно предизвика да се зголеми продажбата на велосипеди. Веднаш штом ќе се вратиме во целосна „нормала„ нештата ќе се вратат на свое место и нашите моторизирани „миленичиња„ повторно ќе го истиснат велосипедот од мода. Но,кога ја спомнавте продажбата на велосипеди,не можам ,а да не апелирам за поголема контрола за тоа какви велосипеди се пуштат во продажба. Имено, пред извесно време бев сведок како на ново купен велоспед му недостигаат лагери и маст за подмачкување,купен од продавница во Штип . Се обидов да замислам што ќе се случеше таков велосипед да се најдеше во рацете на некое дете. И, веднаш се откажав, бидејќи последиците можеа да бидат трагични.Но како што многу нешта во нашата држава не се на вистинскиот колосек , така и оваа потреба од контрола на тоа кој се продава и како се склопуват велосипедите веројатно ќе биде засилена и спроведена кога ќе има , за жал жртва.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Со оглед на тоа дека сте исто така и професор по историски предмети на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, како успевате покрај толкуте обврски да најдете да речеме еден заеднички јазик со вашето хоби за возење велосипед?

ОЛИВЕР ЦАЦКОВ: Одговорот е многу едноставен,со нешата кој ги сакаме лесно воспоставуваме врска.Или сакаш или не сакаш да возиш велосипед. Наоѓањето на слободно време во овој случај е нешто кое се подразбира. Кога секој од нас би се откажал барем еден ден од гледање на здодевни вести,патетични серии,нецелисходни политички емисии,кога би скратиле неколку телефонски разговори во кои теми се нешта од кои ништо нема позитивно да извлечеме и..ете.. половина час слободно време. Време кое и се препорачува за рекреативно возење велосипед. Откако заклучивме дека слободно време може да се издвои ,останува да ви доловам еден момент од кој ми произлезе уште едно хоби. Возејќи се еднаш ,пред мене забележав исклучително убаво зајдисонце. За жал тогашните мобилни телефони беа далеку од она што можат да го направат денешните , испуштив фотографски да го забележам тоа зајдисонце. Наредниот ден веќе имав апарат и оттогаш веќе над 15-тина години благодарение на возењето велосипед стекнав уште едно хоби- аматерското фотографирање. Фокусот ми е се разбира природата и се што таа содржи во себе. Благодарение на велосипедот најдов заеднички јазик и со фотографијата.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Што се е потребно за да се биде добар велосипедист?

ОЛИВЕР ЦАЦКОВ: Две нешта.Квалитетен велосипед и сопствена философија на возење. Можеби ќе ви биде чудно на прв поглед но ќе би објаснам зошто. За квалитетен велосипед не зборувам случајно.Се изнагледав на велосипедисти со педала во рацете, со скршени менувачи и искривени бандажи. Сепак за своја и безбедност на останатите учесници во сообраќајот избегнувајте евтини кинески велосипеди со кои си ја ставате главата во торба. А, за второто постојат велосипедисти кои сакаат што побргу да пристигнат од точка А до точка Б, како и оние што сакаат тоа растојание да е што подолго. Вистинските велосипедисти според мене во растојанието од точаката А до точката Б ќе ја пронајдат суштината на тоа зошто возат и дали со секој изминат километар ќе станат побогати за некое ново искуство. Само со таква симбиоза според мене се станува добар велоспиедист

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Заклучувајќи по фотографиите сте биле и на места надвор од Македонија. Може ли накратко за нашите читатели да ни опишете еден ваш ден поминат со велосипедот и најважно, на кои места досега сте биле и кое место од досега посетените Ви оставило најголем впечаток?

ОЛИВЕР ЦАЦКОВ: Секое возење е впечаток.Со авион се стигнува најбргу но ништо не може да се почувствува од патувањето,со автомобил се стугнува исто така бргу но и со автомобил доживувањето е поинакво, но со велосипед иако побавно сепак се стигнува до саканата дестинација со тоа што сите сетила се исполнети. Со пријателот Ѓорѓи ( Џоџе по струмичаки) со кој возиме на долгите релации ги поминавме сите соседни држави на Македонија.А, од многуте впечатоци кои ги носиме од овие патувања, како да го заборавам изразот на македонскиот граничен полицаец на преминот со Бугарија кој 15-тина минути не можеше да разбере како може некои во еден ден да возат од Банско до планинарскиот дом Бандерица ,сето тоа во еден ден и тоа во декември.Или, едно погрешно свртување на раскрсница во Грција,доведе до тоа да 4 часа возевме во целосен мрак низ селата во Халкидики или кога во село близу Врање завршивеме на свадба како почесни гости на луѓе кои прв пат ги гледаме во живот, како да не го поздравам Драги од Куклиш кај кого се засолнив кога природата својот гнев го истури токму кога се враќав кон Струмица,а за тоа како успевме да се извлечеме од непријатна средба со воена полиција кога налетавме на голема група мигранти во Грција е долга приказна ..

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Што мислите, дали Македонија има доволно безбедни патеки за возење велосипед?

ОЛИВЕР ЦАЦКОВ: Македонија…патеки за велосипед..згора на тоа и безбедни..како да не се насмее човек со широка насмевка,која веднаш стивнува кога ќе ми текне на Холандија која има повеќе км велосипедски патеки отколку ние км на автопат.Но, ако го исклучиме Скопје, во кој колку толку има пристојни патеки за возење,катастрофа е зборчето кое може целосно да ја опише состојбата во остатокот од Македонија.На пример .. кој од нас внимава на тоа дали се движи по жолто обележаната велосипедска патека во Струмица..малкумина нели.Ќе го спомнам и Штип.На почетокот на велосипедската патека во Штип има знак за известување дека околу 2,5 километарската патека е за пешаци и велосипеди.Тоа известување дека сепак кога веќе е и за велосипеди, пешаците треба да се движат на работ од патеката и да не пречат на велосипедистит. За ова да допре до менталниот склоп на луѓето потребно е да поминат неколку децении..Овој прозаичен пример ни го отсликува и односот кој ние го имаме кон велосипедот. Навистина не можам, а да не го спомнам и примерот кога мојот Универзитет организираше две трки за велосипеди во соработка со Велосипедската федерација на Македонија, во Штип во склоп на акцијата „ Со велосипед на факултет“. Резултатот беше поразителен. И покрај исклучителното вложување на Универзитетот да ја подигне свеста за користење на велосипедот како превозно средство,најмногу потфрлија токму студентите.Тој ден едноставно не можеа да се подигнат од столчиљата во кафулињата кои беа преполни,а просторот каде што можеа да возат остана празен…

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Ваша следна неостварена а посакувана цел со вашиот велосипед?

ОЛИВЕР ЦАЦКОВ: За сите овие години колку што сум на велосипед, веќе еднаш ја обиколив должината на земјиниот екватор продолжувам и понатаму.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: За крај, што би им препорачале на сите оние кои во иднина планираат да се бават со велосипедирање

ОЛИВЕР ЦАЦКОВ: Еден многу едноставен совет.Пронајдете си место некаде во природа кое ќе биде само ваше. Посетувајте го колку можете почесто.Кога ќе сте таму исклучете се од реалноста..препуштете се на мирисите,боите и енергијата на природата. Бенефитот ќе го почувствувате неочекувано бргу.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ