strumica denes logo

(ФОТО) НАЈВКУСНИТЕ ЛАНГИДИ ВО СТРУМИЦА СЕ ВО „Ж’ЧКАТА“

Автор:

Датум:

октомври 22, 2021

Категории:

Струмица

Автор:

Датум:

октомври 22, 2021

Категории:

Струмица

Штом се роди новороденче и идните баби се понесат од првиот бебешки плач на нивото внуче или внука, се знае – се крева телефонската слушалка и се порачуваат најпознатите мекици во градот, измајсторени од вештата Ефросина Ѓеорѓиева. Ниту еден собир на „лангиди“ не поминува без слатките и меки мекици, кои се топат во уста и одлично се комбинираат со сирење, локум или шеќер во прав.

Долго време задоволните купувачи сакаа да дознаат која е тајната зад оваа долгогодишна традиција, а тимот на Струмица Денес конечно им обезбедува можност накратко да ѕирнат во местото на производство и да дознаат нешто повеќе за „Ж’чката“. Во прилог, кратко интервју со Ефросина Ѓеорѓиева. Уживајте!

Од кога започна оваа традиција за произведување на најпознатите мекици во Струмица и пошироко?

Традицијата за проиведување на нашите мекици започна некаде при крајот на 2002, почетокот на 2003 година кога за прв пат решивме да им понудиме на струмичани нешто ново и вкусно.

Од кој настана идеата за ваков бизнис?

Идеата настана од мојот покоен татко кој 50 години го работеше и развиваше пекарскиот занает.

Дали има некој посебен рецепт за изработка на вашите вкусни мекици?

Во секој занает има по некоја тајна, така и во нашиот. Секако дека постои посебен рецепт за изработката и токму тој рецепт како што спомнав претходно е наследен од мојот татко. Но за да не ви го откријам веднаш, ве предизвикувам да дојдете некогаш токму кога ќе ви правиме мекиците.

Колку вработени има во моментот?

Во моментот работам сама, понекогаш ми помагаат мојот сопруг и мојата мајка.

Дали успевате навреме да одговорите на сите порачки?

Понекогаш знае да биде тешко да се одговори на сите порачки, тоа се зависи од периодот. Но, колку што можам повеќе се трудам да одговорам и да им ги исполнам барањата на клиентите.

Што понатаму? Планираат ли помладите членови од семејството да го прошират овој бизнис и понатаму?

Па, искрено засега не планираат.

Колку мекици дневно се продаваат? Имате ли приближна бројка?

Зависи, некогаш бројката знае да биде помала некогаш поголема. Но се движиме дневно од 400 до 600 мекици.

Кога заработувачката беше поголема, сега или во минатото?

Скоро иста. Нека некоја голема разлика, бидејќи цената на мекиците кај нас отсекогаш била иста.

И за крај, каде може да ве пронајдат?

На улицата „Пере Тошев’“ бр.28-Струмица.