На само 2 километри одалеченост од центарот на Струмица, на погодна местоположба и место со плодна почва, е распослана струмичка Баница.
Во византиски период, областа е населена со колонизатори од Мала Азија
Во почетокот на 9 век, во Струмичко било населено христијанско население од градот Тибериопол кој се наоѓал во областа Витинија во Мала Азија. Според В. Златарски овие малоазиски колонисти подигнале нова населба, на просторот меѓу денешните села Баница и Водоча, за потоа целосно да ја заземат денешната местоположба на селото.
Старо име на селото е Шехр Азад.
Во превод името значи „спасен град“. Во отоманските даночни регистри на немуслиманското население, селото е наведено под името Баниче и имало само 4 домаќинства.
Првата кожна фудбалска топка е донесена токму во Баница
Првата кожна фудбалска топка во струмичкиот регион била набавена во селото Баница, што останала кај некој селанец од англиските војници во текот на Првата светска војна. Група младинци ја откупиле од селанецот и долго играле. Неколку години потоа се одржувале натпревари на „дивите” маалски клубови по празните места на Струмица опожарена во 1913 година.
Старата џамија во Баница е од значајно историско богатство
Старата џамија е поранешен муслимански објект, од кој денес се зачувани остатоци. Она што привлекува особено внимание кај оваа џамија е појавата на манастирскиот свод како варијанта за покривање на молитвениот простор. Појавата и употребата на манастирскиот свод при градењето на џамијата во Баница е резултат на користење на искуствата од византиско – ориенталните уметнички иградителски традиции. Вакви знаења и уметности до тогаш биле застапени само при изградбата на џамиите во Едрине и Истанбул.
„Мерата“ – археолошки објект кој потсетува на доцноантичка бања
Мерата претставува термален објект од доцноантичкото време. Во 1990 година, при копањето на темели за подигање на приватна куќа, во самото село, во местото наречено Мерата биле откриени остатоци од темели на ѕидови. Веднаш потоа Заводот и музеј во Струмица извршил заштитно ископување.