strumica denes logo

ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ПРОБЛЕМИ НА СТРУМИЦА: ДРВОСЕЧАЧКИТЕ МАШИНИ И ПИТАЧЕЊЕТО ОД СТРАНА НА МАЛОЛЕТНИЦИТЕ НА УЛИЦИТЕ!

Автор:

Датум:

април 28, 2023

Категории:

Струмица

Автор:

Датум:

април 28, 2023

Категории:

Струмица

Локалниот совет за превенција на општина Струмица ја одржа 12-та работна конференција на која членовите расправаа по четири актуелни теми, меѓу кои две посебно се истакнуваа со својата сериозност, а тоа се дрвосечачките машини и нивното присуство на патиштата во Општината и питачењето од страна на малолетници на улиците во градот.

По овие прашања беа донесени повеќе заклучоци и сугестии, меѓу кои Локалниот совет за превенција да достави предлог мерка во Законот за возила со која униформираните полициски службеници и другите инспекциски служби од државно ниво да имаат право на одземање на дрвосечачките машини во моментот кога ќе утврдат дека со нивното присуство предизвикуваат општа опасност и го загрозуваат животот на сите учесници во сообраќајот. Членовите на Советот сугерираа транспортот на овие машини да се врши со влечни или шлеп возила до местата каде што има потреба од нив.

Во однос на питачењето од страна на малолетници на улиците во градот, предложено е во решавањето на овој проблем да се вклучат и невладините организации и Центарот за социјални работи од Струмица преку посебни мерки и планови да се влијае на психолошкото однесување на децата и подигањето на свеста дека треба да посетуваат воспитно – образовни институции, а не да бидат на улиците. Инаку, не е голем бројот на таквите деца, но целта на Советот е нив воопшто да ги нема на улиците.

На оваа работна конференција повторно се разговараше за дивите продавачи на јавните површини и надвор од Кванташкиот пазар за кои се спроведуваат тековни акции во заедничка соработка меѓу општинските инспектори и униформираните службеници од СВР Струмица. Во зависност од обемот на нивното присуство ќе биде вклучена и државната пазарна инспекција, бидејќи целта е дивите продавачи да ги нема на јавните површини и надвор од Кванташкиот пазар.