strumica denes logo

ДР НИКОЛА МАЏУНКОВ: Добивме прв човек во градот кој само носи одлуки за да биде објавен во медиум, да каже нешто само за да биде прв и да биде сликан за да знаеме дека работи!

Автор:

Датум:

август 11, 2022

Автор:

Датум:

август 11, 2022

Фејсбук статус на Др Никола Маџунков:

Помина скоро година откако Струмица има нов градоначалник и старо – нови луѓе што ja управуваат општина Струмица.

Што научивме и што видовме во овој период?

Струмица доби нов и екстровертен пристап во раководењето со општината со кој се решаваат сите проблеми. Што мислам под екстровертно управување со градот?

Екстровертен пристап на управување подразбира првиот човек да биде присутен меѓу граѓаните, да носи мудри и правилни одлуки во интерес на граѓаните, да создава можности за локален развој, да создава рамноправност, да ги мотивира вработените во општината и жителите, да го направи градот поубаво место за живеење, да биде столб на заштита на општината.

Но, што кога екстровертноста е само научена лекција?

Тогаш добиваме прв човек во градот кој носи одлуки само за да биде објавен во јавен медиум, да каже нешто само за да биде прв, да биде сликан за да знаеме дека работи.

Раководењето на општината се сведува на организирање забави и фестивали за да се прикаже дека се функционира беспрекорно, да се прикаже состојба на благодет која е далеку од реалната. Имаме пристап и однос кон граѓаните како во мрачните периоди на Римската империја – дајте им на луѓето малку забава за да заборават на реалните проблеми!

Прикажувањето на слики од неколку асфалтирани улици и правење на фејсбук кампања за градежна офанзива, е само уште еден пример. Реалноста во општината е дека нема улица на која нема дупки низ кои секојдневно граѓаните ги оштетуваат своите возила. Секоја улица е со стар и дотраен асфалт, улиците се без соодветни тротоарски решенија а тие што ги има се узурпирани од неправилно паркирани возила.

Нормално, непрописно паркираните возила нема кој да ги казни во интерес на популизмот.

Секоја година имаме огромни штети од поплави во цела општина ( и во град Струмица и во населените места на општина Струмица ). Наместо да правиме капитални проекти во решавање на тие проблеми во општината, екстровертниот начин на водење на градот се пресликува во неколку фотографии со косење на трева во најбитниот канал во градот.

Наместо годишна програма за одржување на сите одводни канали во градот и општината, редовно се постираат програми од културни манифестации.

Венеција има помалку културни настани од Струмица!

Не сум против културни манифестации. Меѓутоа, културните манифестации ги организираат културните работници и се во интерес за подигнување на културните норми во општината и задоволување на естетските сетила на жителите, псоебно за помладите.

Журки не се културен настан!

Бетонизацијата на Струмица, прикажана како градежна офанзива е друг проблем.

Наместо да научиме од претходните грешки, дека нова урбана населба како Карпош, не треба да изгледа како буниште. Дека не треба во нови згради комшиите да си гледаат еден на друг во станот.

Дека нови населби треба да имаат соодветна инфраструктура, треба да имаат минимален естетски изглед и минимални услови во одржување на животна средина – барем по едно дрво да има на десет метри или да можат две коли безбедно да се разминат а да не згазат пешак, кој оди на сред улица зошто нема тротоари. Наместо да научиме нешто и да прашаме што сакаат граѓаните од својот град, се наметнуваат нови исти населби по ист терк.

Не поради потреба, туку поради интерес!

Да не продолжувам со други примери, ги има многу. За населените места има многу повеќе за зборување ( во друга прилика! ) – ги испразнивме селата за луѓето да живеат во елитна населба без воздух и во прашина.

Знам дека текстот ќе се сфати како политички напад. Но, не е!

Наша работа како опозициски советници е да критикуваме и преку критики и предлози да ја направиме Струмица поубаво место за живеење. Само преку размена на идеи и ставови ќе ја направиме општина Струмица поубава и напредна – а не со екстровертно тоталиристичко шовинистичко управување.
Новото време и модерните генерации не толерираат екстровертно научено управување.

Потребно ни е да работиме, без да се знае дека се работи. Делата треба да зборуваат, не сликите на фејсбук. Детските приредби се за децата не се за возрасните да им го украдат вниманието. Да станеме малку интровертни и промислено да носиме одлуки во интерес на граѓаните и децата пред се’.