ДЕНЕС СЕ СЛАВИ ПРЕПОДОБНА МЕЛАНИЈА РИМЈАНКА

јануари 12, 2023

Родена е во Рим од благочестиви и многу имотни родители. Родителите ја присилија да стапи во брак со некој угледен млад човек по име Апинијан. Кога го роди второто дете, таа се разболе и му рече на мажот ѝ дека ќе може да оздрави само ако тој се заколне пред Бога дека во иднина ќе живее со неа како брат со сестра. Мажот ѝ се заколна, а таа од духовна радост и телесно оздраве. Потоа Му беше угодно на Бога па им ги зеде двете деца, а тие се решија да го распродадат сиот свој имот и да им го раздадат на сиромасите, на црквите и на манастирите. Многу патуваа по странските земји и градови вршејќи добри дела од своето богатство. Ги посетија прочуените духовници во Горен и Долен Египет и од нив многу се научија и се вдахновија. За сето време Меланија се подвизуваше во строг пост, срдечна молитва и читање на Светото Писмо. Имаше обичај секоја година трипати да го прочита целото Свето Писмо, Стариот и Новиот Завет. Со мажот ѝ живееше како со свој брат и соподвижник. Кога дојдоа во Александрија, зедоа благослов од светиот патријарх Кирил. Потоа заминаа за Јерусалим и се населија на гората Елеонска. Овде Меланија се затвори и целата се предаде на богомислие, пост и молитва. И така проживеа четиринаесет години. Потоа излезе да им послужи на другите на патот кон спасението. Основа машки и женски манастир. На покана од својот роднина сенаторот Волусијан, незнабожец, појде во Цариград и го обрати него во верата Христова (иако претходно блажениот Августин не успеа во тоа). Потоа, повторно се врати на Елеонската гора и таму се упокои во Господа, во 439 година, во педесет и седмата година од нејзиниот живот.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ