БУГАРСКИТЕ ВЕСНИЦИ ВО 1905 ГОДИНА ОБЈАВИЛЕ: Делчев навистина почна да се замислува дека е вистински господар на македонското дело!

јануари 30, 2023

Во нашата јавност е малку познато дека, за разлика од денес, бугарските весници од околу илинденскиот период отворено ја напаѓале македонската национална дејност на легендата на македонската револуционерна борба Гоце Делчев. Да потсетиме на неговата изјава: ‘Тој што сака да работи за присоединување на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да биде добар Бугарин, добар Грк, или добар Србин, но не и добар Македонец!“ – вели Александар Донски во својата статија со наслов „Бугарските весници од 1905 година ја напаѓале македонската национална дејност на Гоце Делчев“.

Во својата статија Донски пишува: Оваа, како и другите изјави на Гоце Делчев не останале незабележани од тогашната бугарска јавност. Според истражувањата на академик Блаже Ристовски, Гоцевиот весник “Дело“ уште во 1902 година неретко излегувал со статии против сите пропаганди во Македонија (вклучувајќи ја и бугарската), која посебно се одвивала преку Егзархијата. Поради ваквите свои ставови тој бил напаѓан во Бугарија. Дури некои тогашни бугарски весници и цели две години по смртта на Делчев се уште го напаѓале неговиот лик и неговата македонската национална дејност. Како пример за ова ќе цитираме извадок од статијата објавена во софискиот весник “Реформи“, а пренесена и во весникот “Свободно слово“ од 1905 година, преземени од истражувачката дејност на академик Блаже Ристовски.

Еве што објавиле бугарските весници од 1905 година за Гоце Делчев: “Делчев навистина почна да се замислува дека е вистински господар на македонското дело и дека неговата волја треба да биде врховна волја. И подоцна почнаа да течат од неговата уста познатите фрази, како онаа: ‘Додека моето рамо ја носи пушката, ниту еден бугарски офицер не смее да стапне во Македонија!’ Неговите богато плаќани агитатори и писатели трубат по весниците дека кон границата трчаат густите редови на огорчената македонска народна моќ и дека престолнината наскоро ќе се претвори во касапница…“

Ова преставува неспорен доказ за крајно негативното расположение на значителен дел од тогашниот бугарски печат кон апостолот на македонското ослободително дело Гоце Делчев. Дури подоцна, откако го сфатија неговиот углед меѓу Македонците, Бугарите почнаа да се напрегаат да докажат дека тој бил ‘Бугарин’. Овие тогашни бугарски напади денес се кријат од пошироката јавност во Бугарија, за што понекогаш дури се користи и бугарската полиција.

Во 1996 година текст под наслов “Бугарските весници од 1905 година ја напаѓале македонската национална дејност на Гоце Делчев“ испратив за објавување во македонскиот весник “Народна волја“ од Благоевград, со кој тогаш соработував. Бугарската полиција некако дознала за тоа и непосредно пред излегувањето на весникот извршила упад во просториите на редакцијата, барајќи да го заплени тој текст. Но, весникот веќе бил отпечатен, па набргу се најде во јавноста, заедно со мојот текст. Бугарските полицајци останале со празни раце. За овој скандал уште тогаш објавија и нашите медиуми. Во интервју за Првата програма на МТВ искажав јавна благодарност до бугарските полицајци за покажаниот интерес кон мојот текст.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ