Оваа пита се прави брзо, а уште побрзо ќе се изеде. Крцкаво лиснато тесто во комбинација со тиквички, пршута и моцарела – сигурно ви звучи примамливо?
Пазарите се преполни со пролетен зеленчук, а тиквичките се меѓу омилените продукти секоја пролет.
Најчесто ги подготвуваме пржени или похувани, а овојпат можете да ги искористите за фил во оваа вкусна пролетна пита.
Потребни состојки:
- 1 лента готово лиснато тесто;
- 1 поголемо парче пршута (или повеќе парчиња);
- 150g моцарела;
- 3 помали тиквички;
- ½ главица кромид;
- Сол и масло по вкус;
- 1 жолчка од јајце.
Начин на подготовка:
- Се загрева рерната на 200 степени Целзиусови.
- Тиквичките се мијат и се рендаат, па се цедат од вишокот течности.
- Во тава, на средна температура се загрева малку масло и се става ситно исечкан кромид да се пропржи, се додаваат и тиквичките и се посолуваат по вкус. Зеленчукот се пржи кратко додека да омекне.
- Лентата лиснато тесто се растегнува и едната половина се боцка со виљушка.
- Тестото се става на претходно обложен плех со хартија за печење.
- На половина од кората се распоредува пршута, тиквички и моцарела, а потоа се покрива со останатата половина (во форма на затворена пица) и краевите се обликуваат со виљушка.
- Со нож благо се засекува готовата пита дијагонално за полесно да се испечат состојките внатре и питата се премачкува со жолчка од јајце.
- Питата се пече околу 20 минути на 200 степени Целзиусови.
Видео упатство: