Идејата за оваа акција потекнува од група еколози и спортски риболовци собрани околу платформата “Корморани“ која се залага за зачувување на водените екосистеми и одржлив спортски риболов.
Во последно време членови на платформата „Корморани“ и многу други спортски риболовци и еколози сведочат за се позачестените појави на рибокрадство во струмичкиот регион особено на акумулациите Турија и Водоча и на реката Струмица.
Уловените риби нелегално се продаваат на пазарите и други канали без почитување на хигиенскo санитарни мерки, ладен синџир на достава и најчесто се бајати и полурасипани. За жал освен спортските риболовци надлежните институции не преземаат никакви посериозни чекори за спречување на овие појави кои го уништуваат рибниот фонд.
Она што е особено загрижувачко е што покрај мрежи и други недозволени алатки рибокрадците се почесто користат и електронски направи за неселективно убивање на рибите со висок напон и висока електролитска фреквенција.
Според најновите податоци од истражувањата на Европската агенција за безбедност на продуктите и храната, рибите и останатите водени организми убиени/уловени со струја и слични инструменти кои користат електролитички процеси се небезбедни за човекова исхрана и за исхрана на домашните животни.
Во процесот на усмртување на рибите со електролитична висока фреквенција доаѓа до промена на молекуларната структура кај рибиното месо. Овие молекуларни промени на меките ткива ја менуваат структурата на месото со што истото станува неподобно и опасно за исхрана, а забележани се и појави на канцерогени клетки и структури кои претставуваат сериозна закана по човековото здравје.
Поради овие факти со цел заштита на човековото здравје и заштита на рибниот фонд заедно со платформара „Корморани“ ја иницираме оваа акција за да се подигне јавната свест и да не се купува илегално уловена и непроверена риба но и да предизвикаме реакција кај надлежните посериозно да се зафатат со контрола и спречување на илегалниот риболов.
Периодот на мрест на рибите допрва започнува, затоа да им дадеме шанса на рибите, да им овозможиме шанса на наредните генерации да уживаат во благодетите на природата и да не дозволиме крупи на криминалци да го уништуваат она што природата ни го дава а спортските рибловци го негуваат со децении.
Акцијата стоп за рибокрадците е во продукција на програмата за уметнички и креативен активизам на Центарот за современи уметности од Скопје, во соработка со платформата риболовци „Корморани“.