Распослано од двете страни на патот којшто води од Струмица до Ново Село, пленува селото Турново. Надморската височина во селото е 215 метри, додека селото зафаќа површина од 5,5 км2. Од нив, 468 хектари се обработливо земјиште. Селото се граничи со Босилово, Бориево, Секирник, Радово, Иловица, Штука.
Низ селото тече реката Турија (според некои селани, селото го добило името по неа), која како лева притока се влева во реката Струмица.
Во дамнешно време на тоа место немало населба. Земјиштето во атарот на денешно Турново било покриено со вода, било блато. Со текот на времето водата, преку реките Струмица и Струма истекла во Егејско Море. На одводнетото земјиште подоцна била осована мала селска населба.
За името на селото има три легенди. Првата имато на селото го поврзува со поодамнешното минато, кога атарот на Турново бил исполнет со вода. Ѓолската вода била богата со риби. Најмногу ја имало рибата Штука, која уште ја викаат Турна. Рибата Турна селаните ја ловеле со кошеви, а можеле да ја ловат и со рака. Рибарите уловената риба ја ставале во каци и ја сушеле за да им се најде за храна во зимските месеци. Се претпоставува дека од изобилството на рибата Турна блатото а подоцна и селото било наречено Турново. Другата легенда вели дека на денешната локација на селото имало азмак – разни бодливи растенија, трни. Од месност обрасната со трње, турново, торново, по некаква аналогија било добиено името Турново. Третата легенда името на селото го поврзува со реката Турија, која тече крај селото и се влива во реката Струмица.
Првото име на селото е Торњево. Со тоа име селото се споменува во повелбата на Јован Драгаш и Константин Драгаш во 1378 година.
Според последниот попис на населението на Македонија, селото има 941 жител и спаѓа во групата на големи и развиени села.