Perdormire
Струмица

(ВИДЕО) Струмичките археолози трагаат по изгубените средновековни населби!

Струмичките археолози ги бараат изгубените средновековни населби и цркви. Потрагата ја започнале уште во мај. За пет месеци успеале да откријат 10 рурални населби кои во средниот век егзистирале на ова подрачје. Претпоставките кои се базирани на достапните историски извори, велат дека постојат барем уште дваесетина такви населби. Археолозите велат, новите податоци даваат потврда плус дека струмичкиот регион уште во средниот век бил еден од најгусто населените и најразвиените. – објави СИТЕЛ.

„Податоци за овие исчезнати населби ние добиваме од достапните историски извори. т.е. од повелбите на Светогорските манастири Иверион, Хиландар и Пантелејмон. Од нив дознаваме за самите населби и за локалните цркви. Од турските пописни тефтери пак добиваме значајни податоци и факти конкретно за популацијата во овој регион, од топонимијата пак која оставила траги и до ден денешен ние добиваме значајни податоци кои не усмеруваат да ги лоцираме самите населби“, вели М-Р ДУШКО ЦВЕТАНОВ – АРХЕОЛОГ.

Освен до изгубените населби, истражувањата довеле и до десетина нови археолошки локалитети.

„Успеавме да откриеме десетина археолошки локалитети кои не се познати за стручната јавност. Истите не се евидентирани во археолошката карта на Република Македонија. Сите овие локалитети ние ги откривме со помош на овој проект, односно рекогносцирањето. Овој тип на истражување за разлика од класичните археолошки ископувања многу помалку финансиски чинат, но сепак и со нив можеме да добиеме доста значајни податоци“ вели ЦВЕТАНОВ.

Сите изгубени населби кои археолозите од струмичкиот музеј ги откриле во изминатиот период се наоѓаат во планински предели. Основната дејност на населението биле земјоделие и сточарството. Неколку од нив, кои биле поблиску до градот имале и занаетчиски работилници. Проектот е финансиран од министерството за култура, а се реализира како дел од годишната програма на Завод и музеј Струмица.

ИЗВОР: СИТЕЛ
Оригиналната вест може да ја погледнете со кликнување ОВДЕ