АПЕЛ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОСТАДИНОВ: Во услови на високо загадување на воздухот, да не палиме коледарски огнови – Да славиме со срцата и душите!

јануари 5, 2023

Статус на Костадин Костадинов, градоначалник на општина Струмица:

Почитувани сограѓани кои го славите Божиќ,
Со посебна радост како и Вие, така и јас, како градоначалник, а пред се како човек верник, ги чекам Божиќните празнувања.

Нивни предвесник се коледарските огнови, така било многу одамна, но времињата се менуваат и досега сме смениле многу работи и лични и колективни, сме се соочиле со нови предизвици и сме се прилагодиле на нив, а во интерес на заедничкото добро на сите нас.

Ајде и оваа вечер да покажеме дека ние во Струмица сме посебни и одговорни, да не палиме коледарски огнови, туку да славиме со срцата и душите исполнети со љубов кон Христа и создавајќи добри дела.

Не навлегувам во тоа дали е тоа пагански обичај и дали е во духот на христијанството, само знам дека во услови на високо загадување на воздухот, најмалку што треба е да палиме коледарски огнови.

Ако здравјето е нашето најголемо богатство, тогаш ајде сите заедно оваа вечер да му дадеме предност и да си го чуваме. Откажувањето од коледарските огнови нека биде наш влог за почист воздух во нашата убава Струмица.

А општинскиот влог ќе го надополниме со формирање на посебно Еколошко тело во рамките на Локалниот совет за превенција со главна цел преземање на сите мерки за намалување на загадувањето во градот.

Ајде сите заедно да покажеме дека Струмица ја сакаме со дела!

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ