Home

Perdormire
Струмица

Ковачевски објави дека е обезбеден гас од Србија за училиштата и болниците, Костадинов вели ова за Струмица значи можност за обезбедување компресиран гас по поволни услови!

Home

Србија ќе ја изземе Македонија од забраната за извоз на природен гас, соопшти вечерва премиерот Димитар Ковачевски.

Ветив дека ќе направиме се и дека ќе работиме секојдневно за никој да не мора сам да се справува со оваа криза. Струја, енергенси и храна мора да има за сите. Токму затоа, по интензивна комуникација со колешката Брбаниќ, официјален Белград реши да ја изземе Македонија од забраната за извоз на природен гас, напиша Ковачевски на „Фејсбук“.

Посочува дека преку политиките на добрососедство, тесната соработка во рамки на Отворен Балкан и преку партнерскиот однос, обезбедена е поддршка онаму каде највеќе треба, односно компресиран гас за училиштата и болниците во многу градови низ земјата.

По објавата на Ковачевски, градоначалник на општина Струмица Костадин Костадинов, објави дека ова за Струмица значи можност за обезбедување компресиран гас по поволни услови.

„Упатувам огромна благодарност до Владата на Република Србија за одлуката за изземање на Македонија од забраната за извоз на гас. Упатувам благодарност и до македонската Влада, до премиерот Ковачевски и до претседателот на Република Србија, Вучиќ, што со нивните иницијативи и поддршки овозможуваат вакви регионални соработки.

Конкретно за Струмица ова значи можност за обезбедување компресиран гас по поволни услови, енергенс со кој се затоплуваат круцијални општествени објекти во градот како што се градинките, училиштата, болниците, јавните установи и секако, дел од домаќинствата и фирмите.

Оваа поддршка е резултат на механизмите за помош и поддршка во кризни ситуации создадени од Отворен Балкан, иницијатива која уште еднаш покажува конкретни резултати за добробит на граѓаните.

Ги охрабрувам сите колеги градоначалници уште поинтензивно да работат во правец на проектирање и реализација на гасоводни мрежи кои во вакви кризни моменти имаат круцијално значење.

Со гасификацијата Струмица стана модерен град кој денес ги надминува границите на просечното, град кој денес брза напред кон повеќе зеленило, обновливи извори на енергија, електричен јавен превоз и дигитализација на услугите.“ – објави Костадинов.