КАТЕРИНА КУЗМАНОВСКА Е НОВАТА ДИРЕКТОРКА НА СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА!

јануари 21, 2021

Д-р Катерина Кузмановска е новата директорка на струмичката болница. Кузмановска доаѓа на местото на Д-р Наке Гогов кој во 2017 година со одлука на министерството за здравство беше назначен за директор. Д-р Катерина Кузмановска е родена во Струмица во 1968 година, средно образование завршила во струмичката гимназија „Јане Сандански“ во 1986 година, а Медицински факултет во 1992 година. Инаку, Кузмановска е Специјалист педијатар.

Пред половина месец, Д-р Наке Гогов пак на својот официјален фејсбук профил објави статус во кој наведува што се е сработено во изминативе 3 ипол години додека тој беше директор на струмичката болница.

После период од скоро 3 и пол години како директор на ЈЗУ Општа болница – Струмица, сакам да дадам мое мислење и видување и да ги набројам успесите кои ги постигнавме како болница, а истовремено и со проблемите со кои се соочивме јас , персоналот и пациентите.

Кога дојдов на позицијата директор , веднаш после третиот ден откажа катодната цевка на апаратот за компјутерската томографија. Се ствараше гужва. Пациентите беа препраќани и транспортирани со болнички возила во болницата во Штип за КТ снимка. Нејзината замена чинеше околу 120 000 евра.

Друг голем проблем беше недостатоткот на доктори. Причината беше тоа што еден дел заминаа во пензија, еден дел заминаа во приватното здравство, а според мене гледајќи ја бројката на претходно примени доктори можам да кажам дека бројот не бил доволен за да се надоместат потребните кадри бидејќи е потребно неколку години за да може да се едуцираат нови специјалисти ( од 2007 до 2016 примени се 37 доктори) . Посебно погодени од недостатокот беа интерно, неврологија, педијатрија. На интерно одделение работата падна на неколку специјалисти интернисти и недостатокот го решивме со доктори од болницата од Кавадарци кои доаѓаа и дежураа и им се заблагодарувам од мое име и од името на болницата.

На одделението за неврологија заради недостатоткот помогнаа специјализантите по неврологија и дел од анестезиолозите, се со цел да функцонира нормално одделението. Им благодарам исто и нив. Потоа се екипира одделението со нови специјалисти невролози .

На детско одделение дежураа подолг период двајца педијатри кои беа потпомогнати од општи доктори.

Моментално се екипирани. Голема почит и благодарност.
За да во иднина не настане недостаток на доктори за толку краток период од само три и пол години примени се

ВКУПНО 29 општи доктори и еден специјалист невролог кој премина од приватно во државно здравство. Од тој број 10 се веќе пратени на специјализација, а другите ќе бидат испратени наредниот период после вонредната состојба со короната. Благодарам на министерството за здравство кое скоро секогаш се согласуваше со бројката на доктори за прием која ние како болница ја баравме.

-Примени се 28 медицински сестри

-Примени се 4 возачи на амбулантни возила

-Примени се 4-ца административен персонал

-Примени се 3-ца технички персонал

Имавме проблем со стари и амортизирани возила. Добивме 2 болнички возила од кое едното е донација, а за краток период министерството за здравство најави уште едно ново болничко возило. Секогаш излегувавме во пресрет на граѓаните кога беше најпотребно за транспорт на пациетни од и до државните и приватни болници во земјата.

Заменети се лифтовите кои постојано се расипуваа и беа стари околу 50-ина години со нови и модерни.

Набавени се :

-ЕХО на абдомен

-Сонда за доплер на крвни садови

-Апарат за брзо одредување на тропонин кој е показател за срцев инфаркт и овој апарат го скратува времето за дијагностицирање на срцевите инфаркти од 60– ина минути за само 15 минути

-Набавени се респиратори од министерството за здравство

-Набавен е инкубатор на одделението за гинекологија

-Набавен е кардиотогораф – CTG за бремени жени

-Набавени се 35 пулсоксиметри

-Набавени се 15 безконтактни топломери

-Набавени се нови 60 механички кревети од министерството за здравство

-Како донација добивме 46 електрични кревети со два и три мотори, со душеци

-Како донација која ја потпишавме со државата Кувајт која изнесува 160 000 евра и која треба да ја добиеме за неколку дена се :ЕХО систем – Fukuda Denshi, ултрасоничен процесор, видео процесор, извор на светлина и ултрасоничен ендоскоп, видеогастроскоп Fujifilm .

-Набавени се медицински помагала ( инвалидни колички, дубаци…)

-Реновирани се санитарните јази на хируршко одделение

Новиот крак од болницата е скоро 95 % готов. Секој спрат има по 25 болнички кревети. Секоја соба има сопствен санитарен јазол, централна клима и довод на медицински гасови. Има 6 лифтови. Донацијата која ја добивме дел е веќе сместена, а дел треба да се намести. Донацијата се состои од 2 гинеколошки стола, 15 отомани, голем број на наткасни, ормари за лекови, колички за веш, сталаци за инфузии , канцелариски материјал итн. Потребно е да се доопремат 8 -те операциони сали со нова опрема и зградата да го помине техничкиот прием и да биде пуштена во целосна употреба. Со пуштањето на тој крак одделението за неврологија ќе биде преместено на местото каде моментално се наоѓа хируршкото одделение.

Во комуникација со министерството за здравство најден е простор за изградба на простор и во истиот за 2 -3 месеци ќе биде сместена магнетната резонанца во служба на одделот за рентгенолошка дијагностика. Апаратот ќе биде од голема корист за Струмица и регионот.

Постојниот ангиограф кој е надвор од употреба заради дефект ќе биде заменет со нов и ќе продолжи поставувањето на стентови.

Министерството за здравство најави и нов мамограф кој ќе престигне за околу 1 месец.

Моментално при крај е изградбата на модуларниот ковид центар во кругот на болницата кој има капацитет од 33 кревети.

Ситуацијата со корона вирусот забави многу проекти кои требаше да бидат завршени досега. Голем дел од средствата беа пренаменети за набавка на заштитни средства на медицинскиот персонал и лекови кои се користат во лекувањето на пациентите од вирусот.

Сакам да се заблагодарам на донаторите кои донираа како парични така и материјални средства.(во претходните ,мои објави јас се заблагодарував на дел од донаторите, а листата на донатори ќе ја објавам дополнително заради објективност да не пропуштиме некого, а има и лица и фирми кои сакаа да останат анономни) .

Благодарност до целиот медицински персонал на болницата кој несебично се вклучи во борбата со пандемијата.

Морам да напоменам дека земји кои се далеку поразвиени како технолошки така и економски, ги имаа истите проблеми како и ние.

Искажувам голема благодарност до министерството за здравство .

Упатувам апел за меѓусебно разбирање за актуелната ситуацијата помеѓу медицинскиот персонал и пациентите, за што подобро , полесно и побрзо да се решаваат проблемите настанати од COVID – 19. Придржувајте се до препораките на комисијата за заразни болести.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: