На барање на читателите, второ интервју со Оливер Цацков, професор по повеќе историски предмети на Универзитетот „Гоце Делчев“. Овојпат, тема на нашиот разговор ќе биде историјата, односно колку локалната историја е од големо значење за сите нас. Во продолжение проследете го:
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Професоре, овојпат ќе навлеземе малку повеќе во историјата. Зошто е важна и значајна локалната историја за нас?
ОЛИВЕР ЦАЦКОВ: Изминатиот период кај нас особено се актуелни прашањата од националната историја. Но, тоа не значи дека треба да ја пренасочиме на втор колосек локалната односно микроисторијата. Прашувате зошто е важна локалната историја. Одговорот е едноставен како и прашањето-исклучително е важна. Еве и зошто. Ако ја познаваме, ако ја почитуваме ако ја доживуваме локалната историја та тогаш многу полсно ќе ја разбереме регионалната ,а со тоа и националната историја. Патот на спознавањето од микро кон макро односно од локалното кон националното создава една трајна и нераскинлива врска . И, само таква врска,спред мене, е отпорна на секакво влијание,особено она надворешното.
Ќе се обидам преку неколку примери и пластично да го објаснам значењето и важноста на познавањето на локалното. Во дворот на Кадин-ана џамијата се наоѓа дрво- чинар старо околу 270 години. Едно од најстарите во поширокиот регион во Штип.Некој ќе рече ..па што ..има и постари. Но ако продолжам и додадам дека ова дрво кога ги развивало своите фиданки во зародиш било, создавањето на Соединетите држави,во исто време се родил Моцарт,починал големиот морепловец Џејмс Кук, убеден сум дека за момент ќе ви се задржи вниманието.И, томку задржувањето на тој момент треба да биде со поставување на плочки од месинг . За почеток една таква плоча што на случајниот минувачот ќе му ја предочи староста на овој чинар.
Понатаму ,зошто да нема плоча на куќата во која се снимал култниот филм „Среќна нова `49“ филм награден со над 20 награди и филм кандидат за Оскар,или на куќата каде е родена првиот хирург во Македонија, или на местото каде е изведена првата опера во Штип и Македонија воопшто , на местото каде започнала крвавата Брегалничка битка или една на влезот на Ново Село дел од Штип кој сам по себе е „институција“. Што може да забележиме од овие само неколку примери.Дека нема име на политичар.Што значи дека во еден град ( во случајот Штип, а тоа се однесува на сите градови во Македонија) локалната историја може да се афирмира и тоа многу успешно со преставници од сите бранши , на еден специфицен начин, а не само со спомнување во книги, и зборници. Имињата на овие лица, објекти,градби треба да бидат пред нас, треба да се судираме ,разминуваме секојдневно со нив, треба да прашуваме и да не прашуват за нив.Само така, се разбира , тоа не може да се оствари сега и веднаш ,но со помош на факторот време ќе влезат во нашата колективна меморија. Искрено се плашам дека многу доцниме на овој план. Ако не преземеме нешто, час поскоро, во колективната меморија на денешните основци и средношколци ќе останат само ликовите од видео играта „Fort Night”.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Сведоци сме изминативе години на сквернавење низ градовите најмногу на споменици кои се од големи значење за нас. Според Вас, на што се должи тоа, која е причината за таквото однесување?
ОЛИВЕР ЦАЦКОВ: За мене има два вида на сквернавење,вандалско и суптилно. Еве и зошто. Првиот вид на скварнавење односно вандалското за жал зема се поголем замав. Ги спомнавте спомениците. Нема град во кој има целосно зачуван споменик. Во Штип на пример пред неколку години беа уништени неколку стотици години стари питоси во античкиот град Баргала. Сите споменици од НОБ до еден се вандализирани. Ова вандализирање ни дава две пораки.Едната е целосно непознавање на сопствената историја и втората можеби и многу позначајна е тоа дека со рушењето на постаментите на споменците симболично си ја рушиме и сопствената историја. Се поставува едно многу логично но и болно прашање. Како некој што си ја руши , деградира сопствената историја покажувајќи класично непочитување,да очекува некој однадвор да го почитува и цени. Зошто толку не боли надворешното непочитувње,додека ние самите го спалуваме, кршиме и го крадеме сопственото постоење. Или како да го разберам отсекување на биста на некој што и не зачекорил во животот , а загинал за денешната наша слобода.
Има ли нешто труло во нашата држава? Но, да продолжам за суптилното сквернавење. Штип ја има Славјанка Влахчева првата образована медицинска сестра во Македонија. Штип има и средно медицинско училиште кое го носи името на Јане Сандански! Штип го има и вонредниот интелектуалец Јосиф Ковачев ,првиот педагог во Македонија. Лик што заслужува најмалку да има име на училиште. Тој во Штип има улица од стотина метри. На мојата прва генерација студенти им дадов задача на именуваната улица направат анкета со случајните минувачи од различна возраст и оние што живеат на истата со едноставно прашање. Знаете ли кој е Јосиф Ковачев. Од 50 тина испитаници исто толку и не знаеа за кој станува збор.Под онаа плоча што ја означува улицата да имаше мал текст за Ковачев, од 50 тината сигурен сум дека барем половина од анкетираните ќе знаеа нешто за него.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Еден ваш пример и кратка споредба на Македонија со некоја земја по ваш избор во однос на зачувувањето на историјата. Како останатите држави постапуваат кога се открива некој артефакт?
ОЛИВЕР ЦАЦКОВ: Сметам дека Америакнците предничат на планот за зачувувањето и одбележувањето на локалното. Државата која е речи врсник со штипскиот чинар многу вложува во тоа да се она што е од значење за заедницата да биде видливо и достапно. Речиси на влезот на сите американски градови постојат табли на кој пишува кога истиот е формиран,по што и по која личност е познат. На пример во Тексас, најголемата држава во САД постои локален музеј за различни видови на бодликава жица , која целосно го променила животот во оваа држава. Има и голем број фамилијарни музеи, локални музеи на различните заедници кои живеат во Америка. Британците имат Асоциации за локална историја,фондации,голем број на магазини посветени токму на локалната историја.Во соседството симпатичен ми беше графитот на Црвената Армија – Проверено, мин нет- кој го забележав во Белград ,а во превод значи Проверено нема мини,запишан од инжинерите кој ги отстранувале мините во ослободениот Белград.Истиот и ден ден стои во центарот на Белград,како реликвија од Втората светска војна.
Но, за мене најилустративен пример за тоа како треба да се однесуваме со историјата воопшто е дел од текстот што го прочитав во угледниот американски весник The Newyorker кој пишува дека при реновирањето на берлинскиот Рајхстаг,работниците под слоевите на шут и земја пронашле графити на кирилица напишани од страна на руските војници во мај 1945 година од типот. Москва Берлин 9.5.1945 или графити Хитлер… , графитите останале и денес се интегрален дел од обовената зграда на Парламентот како комплексно историско сведоштво.За да во истиот текст се заклучи цитирам „Ниту една земја не би ги толерирала трагите на освојувачите на својата најважна службена зграда.Но, како германските злосторства се единствени во историјата, исто така единствени се методите на сеќаавањето на нив“. Она што може да се извлече како заклучок е тоа дека секој оној што поминал,застанал или останал,се родил,живеел или заминал е дел од нашата историја.Секој обид да без разлика дали станува збор за личност или период да се избрише,да се потисне е исто како што своевремено Сталин ги бришел од фотографитие своте непријатели. Го направил тоа и остана запаметен во историјата како злосторник.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: И како за крај…пред оваа интервју ни откривте дека подготвувате нешто. Би сакале ли да ни откриете нешто повеќе за тоа?
ОЛИВЕР ЦАЦКОВ: Да, станува збор за книга Азбука на два неспоиви града (Штип и Виена) на која работиме со колешката Оливера од Виена во која лајтмотив е токму локалната историја. Инспирација ни беше плочка со објаснување на за најстарото дрво во Виена во паркот Potzleinsdorfer Schlosspark. Поврзувајќи го со штипскиот чинар решивме да направиме две множества со букви кој ќе објаснуват различни поими,личности,термини, објекти од двата града,а во пресекот на тие две множества да видиме што или дали има нешто заедничко на овие навидум по многу нешта не споиви градови. И се разбира да покажеме дека историјата на еден град не е само збор од факти за големи настани и личности туку дека историјата на еден град се одвива и на спореден колосек, дека историјата на еден град ја пишуват и малите и обични луѓе исто како што и оние големите и необичните.