Земи го своето скршено срце и претвори го во уметност: Ќерката на Зоран Маџиров со емотивно видео за својот татко

октомври 8, 2018

Виртуозот и музички амбасадор Зоран Маџиров, на светската јавност ѝ беше познат како „Ботлмен“, односно човекот кој свири на шишиња.

Во негова чест е краткометражниот филм „Стакло“ снимен во рамките на Њујоршката филмска академија во Лос Анџелес каде неговата ќерка Нина Маџирова студираше актерска игра. Таа се потпишува и како сценарист на проектот. „Земи го своето скршено срце и претвори го во уметност“, така почнува приказната на овој интимен и сентиментален филм во кој Нина, во филмот ја глуми Миа.

Таа со солзи во очите го исполнува своето последно ветување дадено на татко си, да ја отсвири „Месечевата Соната” од Бетовен на шишињата.

-Татко ми е мојот идол и учител засекогаш. Со секој негов напредок јас бев најгордата ќерка. Mу се восхитував на секоја отсвирена нота, па макар била на нашиот домашен клавир. Сакав да направам нешто на што би се гордеел со мене. Ова е тек првиот филм посветен на него, но ќе се направат уште многу. За жал живееше кратко, но остави премногу зад себе. Татко ми ги знаеше вистинските вредности на животот, и затоа имаше прекрасен живот исполнет со многу радости, љубов, уметности, смеја до солзи, патувања. Засекогаш ќе му бидам благодарна за сѐ што ме научи. Неговата цел беше да твори музика. Сега е ред на мене и брат ми Љубен да ја преземаме неговата должност и да го наполниме овој свет со музика и уметност- изјави Нина пред една година за Фешнел.мк

Филмот е веќе добитник на неколку престижни филмски награди низ светот.

Зоран Маџиров на 7-ми октомври 2016-та година настрада во страотна сообраќајна несреќа. Во состојба на кома, Маџиров беше префрлен на „КАРИЛ“ во Скопје, каде што лекарите се бореа за неговиот живот. Сообраќајната незгода се случи кај „Пилав тепе“, на патот меѓу Струмица и Радовиш. Зоран Маџиров со својот автомобил удри во цистерна која била превртена на патот, а по 7 месеци се упокои, на 49 -годишна возраст.

Маџиров го револуционизира концептот на соло-перкусионист свирејќи на необични инструменти дела на класични композитори од калибарот на Стравински и Моцарт.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: