Се врши санација и реконструкција на топловодното греење во СОУ „Никола Карев“ од Струмица

август 21, 2018

Според утврдените приоритети во развојната програма на училиштето, поради застарена и дотраена топловодна мрежа, во средното општинско училиште „Никола Карев“ од Струмица, во тек е санација и реконструкција на топловодното греење. Се менуваат 60 радијатори и целосно се реконструира цевководната мрежа. Изведувач на санацијата и реконструкцијата е фирмата „Макотерм“ од Скопје. Финансиските средства се обезбедени од ставката за тековно одржување и од сопствени извори, во износ од околу два милиони денари. Со овие занаетчиско-градежни активности се завршува уште една фаза за обезбедување на енергетска ефикасност во делот на загревањето на објектот на училиштето, кој има разгранет просторен капацитет со површина од околу 9.300 метри квадратни и спортска сала со површина од 1.400 метри квадратни.
Овозможувањето на добри услови за учење, домаќинско управување на објектите и остварување на заштеди од доброто одржување е целта кон која треба да се стремат сите што се вклучени во воспитно-образовниот процес. Општина Струмица во својата стратегија за образование ги има утврдено мерките и иницијативите за подобрување и реконструкција на застарената училишна мрежа и подобрување на енергетската ефикасност на училиштата.
Целта на училишниот менаџмент е да се намалат трошоците за загревање, да се овозможи подобрување на условите за работа во зимскиот период, а непосредно да се изврши влијание за зголемување на свеста кај учениците, родителите и наставниците за значењето на домаќинското и одговорно однесување во процесот на одржувањето на училишните објекти.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: