Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ на 8 април 2023 година во 20 часот во кафе бар „Нагоре“ во Струмица организира промоција на романот „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски.
Настанот ќе го отвори и модерира Митко Гогов, а промотор на романот ќе биде писателот Ацо Гогов. По промоцијата музика ќе пушта dj Alex Stoilov.
„Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски во издание на „Или-или“ е еден од четирите романи финалисти што влегоа во потесниот избор за „Роман на годината“ за 2022 година на Фондацијата „Славко Јаневски“.
Романот е замислен како книга за траумата, но и за терапевтското влијание на пишувањето. Ова е книга за разбирањето, за милоста и за прошката. Најпосле, тоа е книга што се обидува да зборува за неискажливото доживување на врховната едност, која сè наоколу трајно преобразува во свест, љубов, радост и благодарност.
Според Фросина Пармаковска овој роман е „обид за автофикција“, односно книга која преку „себеосознавање, себесоочување и самопомош“ говори за траумите од животните преломи кои можат да остават траен белег при градењето на карактерот на еден човек. Додека за ликовниот уметник Никола Пијанманов, авторот Живко Грозданоски преку овој ракопис проникливо, „откривајќи ја полнотата на празнината, преку долга, исцрпувачка автоперцепција“ успеал „создавајќи еден неверојатен роман/автопортрет“ успеал да ни ги открие „најскриените брчки и лузни на неговото лице осветлено со блесоци од сеќавања и набљудувања на стварното, кое некогаш сосема ненадејно, најмалку очекувано, се претвора во сон. Поточно во испрекинат сон, кој не може да заврши и кулминира, нити во доброто ниту во лошото.“
Самиот автор ќе каже: „Во време во кое стварноста во голема мера ни е обликувана од впечатоци и доживувања од Фејсбук и ним сл. мрежи што обично ги преплавуваме со успешни, беспрекорни и најпосле, редовно на некој начин „монтирани“ слики, можеби навистина има глад за некаква противтежа, за нешто што би можело да се види како автентичност (па нека е таа и фикционализирана, и изнасилена; па нека е и дел од густа приказна, натоварена со милион цитати).“
„Писмо за Глорија“ е роман кој додека го читате ве наведува на интроспекција, на споредување со главниот лик и неговите избори во конкретни ситуации; реалноста на моменти е толку јасна и чиста, а веќе на следната страница умешно потопена во имагинацијата. Во приказната се испреплетени минатото, сегашноста и планираните настани во иднината, но тука е пред сѐ очекувањето на средбата со Глорија и енергијата што ја дава сеќавањето на неа. Романот говори за обичноста на секојдневието, за едноставноста во комуникацијата меѓу луѓето, за нотирањето на сегменти од животот кои се уникатни и само нам исклучително важни.
Оваа книга го анализира односот со самиот себе, но и со другите, говори за себеоткривањето како можност за исцелување, за повлекувањето во виугите на себството како излез низ тунелот на егзистенција; за љубопитноста како одговор на препреките што ни се појавуваат на патот. Овој роман-патешествие нѐ потсетува на пријателството, на важноста да бидеме сами и кога сме во друштво и обратно: да бидеме уво за премрежињата низ кои поминуваат оние околу нас.
Живко Грозданоски е роден во 1986 година во Кичево. Дипломирал на катедрата по италијански јазик и книжевност. Пишува проза и книжевност за деца. Неговите кратки раскази се преведени на десетина јазици, а неговите романи се преведени на бугарски („Куфер за тројца“, Или-или, 2014) и на италијански („Последното име на иднината“, Антолог, 2018) јазик. Преведува и препејува од и на италијански јазик.