После полноќ, стрелките на часовниците ќе се вратат еден час назад и тоа во 3 часот, ќе биде 2 часот по полноќ. Тоа значи дека ќе може да спиеме еден час повеќе.
Оваа пракса ја применуваме веќе 35 години, но од наредната година таа најверојатно ќе биде напуштена.
Европската комисија предложи часовниците да не се поместуваат за потребите на летното и зимското сметање на времето.
Земјите членки на ЕУ имаат рок до април 2019 година, да решат дали трајно ќе се откажат од променливиот систем на сметање на времето.
Дебатата се води подолго време, а направена е анкета меѓу жителите на овие земји, од кои 84 проценти од анкетираните изјавиле дека не сакаат менување на зимско и летно време и дека тоа влијае на нивното здравје.
Но, земјите на ЕУ сепак треба да направат проценка дали откажувањето од досегашното поместување на стрелките два пати годишно напред и назад, ќе влијае на економијата.
Извесно е дека ЕУ ќе се откаже од поместувањето на часовниците, а другите земји кои не се членки на ЕУ , најверојатно ќе го следат нивниот пример, меѓу нив и Македонија.