Без рудник сите млади ќе избегаат од Штука и Иловица, велат жителите-пишува порталот МКД.МК.
Спокојот и мирот кои ги преплавуваат селата во општините Босилово и Ново Село даваат лажна слика за животот во овој крај. Навидум сѐ е мирно, но ако прошетате сред село и се загледате во прозорците ќе забележите дека повеќето се покриени со капаци и дури и доцна во ноќта во овие куќи не се пали светло. Повеќето од жителите се раселени зашто во родниот крај не гледаат егзистенција, а оние што останале велат дека под итно треба промена, и тоа економска, која ќе ги задржи младите во селото-стои во објавата на МКД.МК
За рудникот Иловица – Штука велат дека може да донесе само бенефити за жителите на општините Босилово и Ново село. Од една страна, ќе се вработат повеќе стотина млади лица кои ќе примаат европски плати, а од друга страна, општините ќе добиваат огромни пари на име концесии кои ќе се инвестираат во селата за подобар живот. Ова значи дека од рудникот може да имаме само ќар а не зијан, коментираат жители од струмичките села кои сакаат да се отвори рудник на планината Огражден оти се убедени дека ќе се гради според сите современи европски нормативи, ќе биде безбеден и нема да загадува како што тврдат еколошките активисти, и ниту во најмала рака ќе му наштети на земјоделството и сточарството-пишува порталот МКД.МК
Според нив, со цврстите законски гаранции дека нема да се користат опасни материи, нема веќе пречка зошто да не работи овој рудник.
„Што да кажам. Народот се труе само со лаги и манипулации. Јасно е како ден. Во рудникот што треба да се гради нема да се користи ниту сулфурна киселина, ниту цијанид. Значи ќе се копа и ќе се дроби рудата и таква ќе се носи во Бугарија. Какво загадување!? Нека размислат сите дека нам овде ни треба работа. Младите сите избегаа оти нема иднина овде, нема вработувања. Шеесет отсто од селата Иловица и Штука се иселени оти не оди ниту земјоделството. Еве јас сум тутунопроизводител со години и иако сум напреднал, заработувам колку да преживееме“, објаснува Митко Костадинов од селото Штука, кој бил присутен на информативната средба со премиерот Зоран Заев во Иловица за да го сослуша мислењето на граѓаните за рудникот.
Костадинов тврди дека на таа средба, граѓаните што сакале да го кажат своето позитивно мислење за рудникот не дошле до збор, бидејќи веднаш вербално биле нападнати со свирежи. Тоа на своја кожа го почувствувала и Роса Андонова Смилкова, инженер геолог од Бориево, која само што почнала да зборува, наишла на свирежи од неколку лица и се повлекла.
„На средбата отидов чисто информативно, но се разочарав. Сакав да кажам дека технологијата е многу развиена при вакви проекти и дека од работата на ваков капацитет, огромни придобивки ќе има средината, од селата до општините, а и цела држава. Но бев исвиркана и се повлеков. Јас сум геолог и сакам да работам на она што сум го учела. Рудникот во Иловица, според најавите, ќе биде безбеден. Ги анализирав студиите и извештаите и се гледа дека на него се работи според светски стандарди со квалитетни кадри. Не може да има импровизации. Државата има строги критериуми за овие работи и преку институциите, ќе има контрола како над сите, така и над овој рудник. Според мене, рудникот може да донесе само добро“ вели Роса Андова Смилкова.
На средбата во училишната спортска сала бил и Ванчо Митров од Иловица. Сакал да слушне што има да каже премиерот Зоран Заев, но кога го видел однесувањето на дел од присутните, се разочарал. Немало никаква конструктивна дебата. Митров тврди дека на средбата имало повеќе „странци“’ отколку жители од селата Иловица, Штука или од општините Босилово и Ново село. Видел многу непознати лица кои упатувале свирежи и викале „уа“, под превезот дека се еколошки активисти или лица против изградба на рудници.
„Беа од страна, не ги познавав. Премиерот сакаше нешто да објасни, тие само негодуваа. Жално е што не се слушна и втората страна, оние што мислат дека треба да има рудник. Јас Ви гарантирам дека половина од населението од Иловица и Штука сакаат да се отвори рудникот, бидејќи сакаат работа, сакаат живот. Тие што се декларираат против, се добро ситуирани и примаат државни плати. А ние обичните граѓани? Од кога се донесе одлука да не се користи цијанид и сулфурна киселина, не знаат зошто се противат, само шират дезинформации и ја манипулираат заедницата “, вели Митров кој со синот и внукот сакаат да работат во рудникот над неговото село.
„Ако е страшно и отровно, не сум луд да го ризикувам мојот и животот на моите деца и внуци“, потенцира Митров, кој вели дека го почитува мислењето на еколошките активисти, но пред сé, бара стручни и издржани мислења од лица кои ја познаваат проблематиката.
Над 700 евра месечно земале работниците кога се истражувала Огражден
За отворање на рудникот е и Илчо Стојков од Иловица. Земјоделец и сточар. Работел и за фирмата ангажирана од Еуромакс ресоурцес на истражувањето на планината Огражден во период од 2001 до 2015 година. Околу 50-тина лица од овие две села работеле во овој период и директно ги почувствувале бенефитите од оваа дејност.
„Околу 50-тина лица работевме во фирмата ГЕОБС што беше ангажирана од Еуромакс за истражувањата од 2001 до 2015. Платите ни беа над 700 евра. Кој дома реновираше, кој си купи ново возило, кому што му треба. Сите беа задоволни. Во 2018 работевме и во Саса во Каменица, истражувавме и во Двориште, бевме во Бучим и видовме кои се примањата и каков живот живеат таму. Изманипулиран е народот, му се презентираат само негативните работи. Јас имам три сина и сакам да останат тука, оти знам што може да добијат ако функционира рудникот“, вели Илчо Стојков , кој не може да се изначуди зошто активистите не реагираат и не се противат на идејата рудата од Иловица до Бучим да се пренесува со транспортна лента.
Со неговата констатација дека месното население ќе почувствува бенефити од рудникот, се сложија и други кои веќе стекнале искуство и се занимаваат со рударската дејност и тврдат дека месечните примања им достигнале и до 1300 евра за машинисти.
„Еве ова момче за 20 дена работа во Саса, 10 дена прва смена и 10 дена втора смена, доби 50 илјади денари. Не се малку пари. Ова момче како машинист добиваше плата и до 1300 евра. Има семејства што од земјоделство не можат да извадат толку“, објаснуваше Стојков.
Еднокуќево е подалеку од рудникот, ама 50 жители веќе аплицирале за работа
Интерес за работа во рудникот, доколку се отвори, покажале и жители од селото Еднокуќево. Повеќе од 50 лица доставиле апликации за работа. И тие биле на средбата во Иловица, сакајќи да слушнат што ќе каже премиерот, но се разочарале. Стојан Иванов од Еднокуќево смета дека рудникот треба да се отвори оти од земјоделството нема егзистенција.
„Нема егзистенција од земјоделството. Цената на зелката е 8 денари и што со овие пари. За што попрво. Огромни се трошоците – што за семе, што за полиетиленски платна и на крај, за што работиме. Затоа, сакаме да се отвори рудникот и да има вработувања. Платите не се за потценување. Со такви плати никој нема да размислува да бега во странство оти и таму работат за околу илјада евра. А за рудникот, дури и премиерот Заев кажа дека ќе биде современ, нема да се користат опасни материи и не знам што повеќе. Од нашето село има околу 50-тина лица што сакаат да работат. Не се малку“, рече Стојан Иванов од Еднокуќево.
Пред две недели во Иловица се одржа средба меѓу граѓани и премиерот Зоран Заев за да се слушнат мислењата за и околу планираната инвестиција на Еуромакс ресурцес, компанија во која акции имаат реномирани фирми и институции. Тие во Иловица и Штука најавуваат инвестиција вредна над 340 милиони евра и повеќе стотина вработувања, пред сé од локалното население.