Мануш Георгиев е македонски револуционер, член, раководител и војвода на Македонската револуционерна организација. Тој е уште еден од плејадата млади македонски дејци кој својот живот го посветува на македонското ослободително дело. Длабоко уверен од неопходноста на револуционерната борба, Мануш го става својот живот во служба на народот за извојување на подобри денови на македонскиот народ.
Мануш Георгиев е роден на 10 август 1881 година во Турново, Струмичко. Иако е роден во Турново, тој детството го поминува во блиското Ново Село. По завршувањето на Струмичката прогимназија, своето образование го продолжува во педагошкото училиште во Сер, каде завршува втор педагошки курс.
По доаѓањето во Сер веднаш застанува на чело на ученичкиот револуционерен кружок, а во 1903 година учествува во бунтот против директорот на училиштето, поради што бил исклучен. Набргу потоа, Мануш учителствува во Струмичките села Барбарево, Бориево, Робово и Стиник.
Во 1904 година, Мануш Георгиев бил назначен за околиски војвода на Петричката револуционерна околија. Со својата самопрегорна работа допринесува за заздравување на месните револуционерни комитети. Тој ги обиколуваше селата и како даровит оратор држи слово за револуционерната борба. Секоја негова изречена мисла, била балсам за напатената македонска душа.
„По цели часови Мануш знаеше да говори и да го убедува народот. Без некого да принудува, народот со часови го слушал Мануш и од покорна раја стануваа борци.“ – ќе стои во записите за него.
Со својата чета и членовите на месниот комитет од Петрич, Александар Јанев, Тома Митов, Михаил Вардев и Стојан Трнаџиев, Мануш заминува за Долна Рибница, село во пазувите на планината Огражден, каде со месните дејци на Организацијата на 6 февруари требал да го разгледа спорот.
Меѓутоа, поради предавство, селото било опкружено од многуброен турски аскер и башибозук. Војводата Мануш Георгиев ја извлекол надвор од селото четата, членовите на месниот комитет од Петрич и мобилизираната селска чета. Но, кај месноста Трнка, тие биле откриени и започнал неравноправна битка со турската војска.
На 7 февруари 1908 година, по десетчасовна драматична борба, загинал војводата Мануш Георгиев и уште 23 души членови на македонската револуционерна организација ги оставаат своите јуначки коски за слободата на Македонија. Меѓу, загинатите бил и околискиот војвода на Петрич Васил Скендеров.
Во борбата кај месноста Трнка, која во историјата ќе остане запаметена како Петричка епопеја, никој не преживеал. Денес паметникот во кој се сместени коските на паднатите борци, на местото одалечено еден километар северно од Долна Рибница, а кое месното население го вика Манушов гроб, потсеќа на прерано прекинатите соништа на еден млад војвода за слободна Македонија.