Јаневски: Ајде да го разбудиме човекот во секој од нас и да направиме нешто со што ќе се гордееме

јуни 19, 2018

Во Центарот за култура „Антон Панов“ вечерва беше промовирана кампањата „На секое дете му треба семејство“ што ја спроведуваат Министерството за труд и социјална политика и Канцеларијата на УНИЦЕФ во соработка со СОС Детско село. Поддржувајќи ја оваа кампања, градоначалникот Коста Јаневски рече дека Струмица отсекогаш знаела да го каже своето „добредојде“ за сите позитивни нешта кои овозможуваат да се направи значаен исчекор за напредокот на заедницата или општеството.

-Поддршката на оваа кампања значи поддршка на хуманоста, на љубовта кон децата, на подадената рака и на подготвеноста да се стори добро дело. Токму затоа, нужно е да бидеме луѓе во вистинската смисла на зборот. И ние некогаш сме биле деца, а денес и самите се грижиме за нашите деца. За нас – некогашните деца, но и за сегашните, зборот „семејство“ е од непроценливо значење. Семејството е симбол на сплотеност, љубов, топлина, заштита и меѓусебна грижа. За жал, постојат и такви деца кои од разноразни причини, без сопствена вина, го живеат својот живот во институции за згрижување на деца, далеку од можноста да ги почуствуваат споменатите атрибути на семејството. Нели е време да се запрашаме „со што тие деца го заслужиле ова“? Нели е време да ја споделиме со нив човечноста и љубовта, за да го добијат тоа што вистински го заслужуваат? Тогаш, ајде да го разбудиме човекот во секој од нас и да направиме нешто со што ќе се гордееме. Поради сево ова, кампањата „На секое дете му треба семејство“ заслужува внимание и почит, но и вистинска имплементација во реалниот живот. Се надевам дека добрите луѓе ќе направат добри дела и дека оваа кампања ќе ги даде посакуваните резултати, за доброто на децата и за наше сеопшто добро, рече градоначалникот Јаневски.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ