Отец Димитар Крцев е човекот кој со својата посветеност на црквата остави траен и неизбришлив белег во верскиот живот на секој еден струмичанец. Срдечен, искрен и доследен на својата работа и ставови, поп Мите веќе долги години и’ служи на струмичката епархија и нејзините верници. Со неговото богато искуство, тој полека, но квалитетно ги учи помладите генерации верски лица правилно да ја сакаат и проповедаат својата вера.
Тоа е човекот за кого верата и нацијата се две нераскинливи нешта, една симбиоза која се надополнува и се’ додека постои едното, ќе го има и другото. Тоа е човекот кој без да врти одоколу, користејќи ја разбирливоста на народниот збор, го поддржува стремежот да се биде свој на своето, да се сака и почитува ближниот, верата и државата.
Тимот на Струмица Денес ја има можноста накратко да поразговара со отец Мите за неговите почетоци, бројните искуства и предизвици во работата како поп. Проследете го краткото интервју во продолжение.
ОДГОВОРИТЕ СЕ ВЕДНАШ ПОСЛЕ ПРАШАЊАТА!
Струмица Денес: Од какво семејство потекнува поп Мите? Дали вашата љубов кон религијата произлегува од силната посветеност на блиски кон црквата? Кои се вашите најубави спомени од детството и Струмица?
Струмица Денес: Во кој момент одлучивте да тргнете по божјиот пат и да ја ширите верата христијанска? Имавте ли поддршка?
Струмица Денес: Каде стекнавте теолошко образование? Беше ли тоа лесно време за поповите и другите верски лица? Дали денес целиот тој процес да се влезе во служба на црквата е олеснет, која е разликата?
Струмица Денес: Дали на почетокот од вашата кариера бевте истиот оној отец Мите, кој сте денес, или сепак, искуството го прави своето? Со какви предизвици секојдневно се соочувате при вашата работа?
Струмица Денес: Потпирајќи се на вашето долгогодишно искуство, можете ли да ги издвоите најголемите предизвици со кои се соочува Македонската православна црква? Дали менталитетот на верниците од пред 2 децении е променет?
Струмица Денес: Според Вас, зошто и понатаму опстојува мислењето меѓу одредени поединци дека поповите знаат преку ноќ да се стекнат со завидно богатство? Честопати знаете да дадете отчет на собраните верници и да објавите што е купено и направено за црквата или за одредени социјално загрозени семејства. Потребно ли е постојано докажување и поголема транспарентност, народот да знае каде точно одат парите кои ги остава во црквите?
Струмица Денес: Можеби она што најмногу ќе ги интересира нашите читатели е прашањето од каде се издвојуваат средства за плата на свештените лица? Во споредба со Западот, каде од бруто платата на секој граѓанин државата издвојува минимална сума за поддршка на црквата, на Балканот такво нешто нема.
Струмица Денес: Како изгледа секојдневието на еден поп? Што е поразлично од секојдневието на секој друг поединец?
Струмица Денес: Дали струмичани, но општо и Македонците, доволно ја почитуваат својата вера? Што може да се направи за да се поттикнат младите генерации да ја љубат црквата? Кои проекти ги организира црквата?
Струмица Денес: Дали струмичани често се исповедаат? Ја имаат ли довербата во свештените лица?
Струмица Денес: Кои се најчестите грешки кои верниците ги прават?
Струмица Денес: Вашата работа е исклучително хумана и пожртвувана, но има и своја убавина. Доколку не ја изберевте оваа професија, со што би се занимавале за да си обезбедите егзистенција?
Струмица Денес: Меѓу струмичани, нескромно кажано, важите за омилениот поп. Човек на кој можат да се доверат и попрат кога се наоѓаат во тешки ситуации и да побараат совет. Како ја стекнавте нивната наклонетост? Беше ли потребно долго време?
Струмица Денес: Што би им порачале на помладите генерации кои допрва се школуваат за да влезат во редот на свештени лица?
Струмица Денес: За крај, што би им порачале на сите наши читатели?
ОТЕЦ ДИМИТАР: Осознавањето на човекот за себе почнува од неговото детство, па се до неговата кончина. Кругот на човечкиот живот е интересен, па честопати и загонетен. Дете сум на скромни, сиромашни и набожни родители, роден во средината на минатиот век во село Мокриево, каде поголемиот дел од моето детство го поминав низ шумските предели и големите дворови на славниот подгор. Првата моја средба и спознание со Бога беше дијалогот на мојот парохиски свештеник покојниот Отец Атанас Тасевски и прочуениот поп Лазар Петров од село Колешино, кој ми оставија длабоки корени за мојот Створител и Бог. Како што Христос вели: „Нема ништо случајно во нашиот живот. Ни влакно од нашата глава не паѓа без волјата на Господа“. Знајте: Напишаниот роман сведочи за својот писател, извајаниот споменик за својот вајар, убавата слика за својот сликар итн. Тие беа пресудни моменти за мојот палав дух и кревка нарав. Веста дека ќе учам за свештеник во таа 1966 година беше шокантна за моите наставници и другари…Па и мене не ми беше сеедно, но тоа беше така се’ додека не влегов во авлијата на тогашната македонска православна Богословија. Таму го најдов правиот пат, таму ја најдов вистината и животот. Имавме професори напатени интелектуалци, дојдени од другите сестрински цркви кои беа многу набожни и не сакаа како свои деца.
Не учеа на практицирање на Светото писмо во животот, да си ја сакаме својата Македонска Православна Црква и својата татковина! Таму не се слушаа груби зборови, пцости и навреди и говор на омраза некој да има за некого. Деца сакајте си ги вашите непријатели, ни велеа благите професори. Се запишавме 38 ученика а завршивме само 13 од нас. Селекцијата беше природна, не се ставаа слаби оценки, доколку не го задоволиш професорот со 4 или 5, дотогаш немаш право на оценка за повторно да бидеш преиспитан. По регулирањето на воениот рок на ЈНА се вратив и го исполнив првиот услов, се оженив со мојата сопруга и на 27.09.1975 на ден Крстовден, ме ракоположија во чин свештеник. Првата парохија ми беше Пиперево, а втората „особена“ Колешино. „Особена“ велам оти свештеникот во таа парохија ќе мора да биде секогаш подготвен за одговор на секакви прашања од верниците. Таму свештеникот е приморан доста да го познава стариот а особено новиот завет. Со неговото толкување и би рекол: „Кој свештеник сака да заврши парохиски факултет, таму му е местото“.
Во 1979 година ме повлекоа во Струмица и тука останав до ден денес. Во истата година се запишав на Богословскиот факултет во Скопје и истиот го дипломирав во 1984 како вонреден студент на тема: „Култот на Светите Петнаесет во Струмичко и Кукушко“. Во тие години овде цветаше комунизмот. Секоја година штафетата на младоста баш на Велики Петок доаѓаше во Струмица. Во тие години доживував големи искушенија и разочарувања. Свештениците и верниците немавме мир, на портите на црквата стоеа шпиуни-наставници удбаши од училиштата кои ги регистрираа дојдените на црква за да ги критикуваат и исмејуваат по партиските состаноци. Во театрите се правеа разни драми, се проектираа разни филмови против Верата и Црквата. Беше време на прогонство на Верата и Црквата. Исто како во времето на првите векови од прогонството на Христијаните во Римската Империја. Ако надојдеше реката Тибар и ги поплавеше, виновни беа Христијаните. Злогласниот Нерон го запали Рим и објави прогонство на Христијаните оти тие го запалија „вечниот град“. Кога не им врвеше на државниците економијата, криви им беа поповите, како да ние ја раководевме државата.
Но имаше и добри денови од моето пастирско дејствување. Старите мајки струмичанки посебно ме сакаа! Поминувајќи јас покрај патот кај киното и црквата, ми стануваа и топло и срдечно се поздравуваа…Нивните синови и ќерки беа на раководни места по претпријатијата, судовите, школите и разните сизови. Ме тешеа…„Не се разочарувај попче, сите тие веруват, тие се наши деца. Еден ден тие ќе ти ја полнат цркавата“.
Ќе се осврнам на тогашните посетители на храмот Божји, имено црквата беше секогаш полна во неделите и празниците. Жените облечени во чисти алишта како за на гости, забрадени во убави марами уште одвечер се подготвуваа за црква. Мажите-аристоракти облечени во костими со светнати чевли и шешири на главите, сите на литургија! Како свештеник сум одел и по други градови, но тоа што беше во Струмица го немаше таму! Секоја недела во Струмица беше Велигден, прво во црква, па од црква на визита ќе поседеа и ќе испеаа по некоја патриотска. Поручек на фудбалски натпревар на Беласица или Тиверија. И одејќи по корзото ги сретнуваше „кафенето“ на Боро кафеџијата. Просто да ти е мерак да си струмичанец! Можеби за тоа нема многу „гурбетџии“ од Струмица. Беше сиромаштија, а сепак духовно богатство. Човек на човека брат му беше, мајка на мајка сестра и беше.
Струмица по вокација е Побожен град. Постои мала разлика помеѓу верниците од минатиот век и сегашниот. Во мое време верниците доаѓаа на молитва, односно Света литургија како за средба со цар, се подготвуваа оти утре ќе одеа во куќата на Бога. Имаа страв од Бога, разликата е во тоа што сегашните нови Христијани и Христијанки не обрнуваат внимание на тоа. Некои облечени во тренерки, други во фармерки, нема разликата помеѓу облеката кај мажи и жени. Некои во препашала и спалиња а други во деколте, така и на свештениците ни здодеа укажувајќи им да не се причестуваат со кармин на усните. Но што е тука е, модернизацијата и глобализацијата го зафати целиот свет и „богот“ на богатството Мамон навлегува во сите пори на нашето секојдневно живеење, во црквата и надвор од неа.
Ама се помина, сега е многу полесно да си свештеник него во наше време. Јас лично имав судири и со моите постари колеги. На Христијаните им забранував да не се причестуваат на неисповедени и неразрешени. Им забранував да не се мачкат со крв од животните, односно од курбаните и за тоа бев доста напаѓан и критикуван. Суеверието го разобличував објаснувајќи им ги на луѓето правите вредности на Светото Православие. Една од моите задачи од училишните клупи ми беше да ја разобновам Светата Тајна Исповед, во која успеав но со тешки маки и непријатности од моите собраќа, така што Дедо Наум кога дојде од Света Гора беше изненаден оти само во Струмица имаше Исповед. Во тоа ми помагаше мојот духовен отец Гаврил Парначки, сега покоен и канонизиран епископ Венички.
Јас работев и грешев. Да признаам: Не сум ангел што не греши, но ниту пак демон што не може да се поправи. Работев транспарентно, парите што се акомулираа во црквата, верниците знаеа каде ги трошиме! Правевме многу хуманитарни акции, за операции на деца и возрасни. Изградивме куќа на повеќедетно семејство. Имаше а и сега постои каса за милосрдни дејности.
Свештениците во Македонската Православна Црква немаат плати. Тие живеат од својот учинок. Тие не се платени службеници на црквата како што е на Запад. Во Европските држави тоа е регулирано со закон, кој работник на која верска конфесија припаѓа, му задржува државата по 3% од бруто приходот и од таму црквите делат плати и хонорари на своите вработени и не се грижат за застарена електрика или за прокиснување на кровот. И се прашувате…зошто другите не зимат такси, а нашите зимаат? Еве каде е причината. Кај нас има такси за извршените обреди но доколку верникот се пожали дека не е во моќ да ја подмири таксата или е под социјална заштита, тогаш свештеникот е должен да го обави обредот без никаква надокнада. Но се случуваат и слабости. Се пријавуваат како социјални случаи а на самиот чин (крштевка или венчавка) обредот е следен од двајца камермани и еден фотограф.
Е сега некои од нашите свештеници стекнале и уште стекнуваат големи приходи, тоа е така оти тие се бават со некој мал или поголем бизнис, кој е дозволен за сите граѓани во Република Македонија. Некои пак возат големи џипови…Точно, но тоа го прават неиживеани по струмички кажано „к’чаџии“.
Во секој случај Христијаните сакаат да знаат каде им се трошат нивните од залак одделени пари. Тоа јас го правев додека бев активен свештеник и не се сомневам дека и моите наследници истото ќе го прават. Ме прашавте како изгледа секојдневието на еден свештеник. Би ви го рекол следново: Вам и на моите духовни чеда, браќа и сестри…Ги живееме последните времиња и момент е да се освестиме, Антихристот веќе ни чука на врата, кој има очи секако ќе го види. Ги живееме времињата на Содом и Гомор, невиден неморал, на сите страни омраза, брат против брата, татко против децата и обратно, народ против народ, морињата бучат и проголтуват илјадници луѓе. Алкохол, дрога и други разни пороци. Оптешството е гнило!
Ние свештениците не сме свесни што облека носиме врз нашите плеќи. Свештеникот откако ќе го ракоположат до крајот на својот земен живот е свештеник, бидејќи има одговорност за своето словесно стадо. И е сведок (Мартир) за спасението на своето словесно стадо. Не доликува на свештеник да е чест гостин во кафулињата, по казина и други недолични места. Свештеникот да не го поминува денот пред ТВ екраните. Тој треба со вечерни и утрински молитви да го започнува и завршува својот ден. Во едната рака да му биде бројаницата молејќи се за своите парохјани, а во другата Светото Писмо од Новиот Завет. Да се грижи за своите духовни чеда, да тагува со нив кога се тажни, да се радува и ликува со нив кога се радосни, да настојува без расо-мантија, односно многу ретко да го гледаат своите парохјани како не би ги соблазнил оти црната боја на нашата облека е вечно каење за гревовите, на себе и верниот народ. Исповетта е Света тајна остановена од самиот Господ Исус Христот и е задолжителна како за клирот така и за верниот народ. Не треба да се причестуваат Христијаните без причесна и разрешна молитва. Исповетта е загарантирана и по никоја цена духовникот не смее да ја открие на власта, на блиските и на други. На Христијаните би им посоветувал кога ќе се одлучат да си определат свештено лице за исповед добро да размислат кај кој ќе пристапат, зошто кога сме болни го бараме најдобриот лекар за нашата болест. Така е и овде!
На вашето прашање дали би избрал друга професија освен оваа би ви го одговорил следново: Јас не би избрал бидејќи Бог мене ме избра…И еве раката ми е на Божјото рало и доста сум јас и мојата ќерка од нашето семејство даден дар на МПЦ. Нека вкусат и други браќа од оваа „манџа“. Во мојот пастирски 45 годишен живот во црквата сум крстил (вовел во Христа) повеќе од 10.000 струмичани и повеќе од 7.000 склучени бракови и повеќе од 4.000 испратени во Небесната Црква кој Вечниот Бог. Јас се молам на секоја Света Литургија за нив: „Спомни ги Господи сите што јас ги крстив, јас ги венчав, спомни ги сите мои духовни чеда кои се распрснати по светот. Тоа кажува оти нашата служба е врзана со вечноста, зошто нашата Православна Вера, е составена од две царства: Едното е земното односно видливото, а другото е небесното, невидливото и совршеното. Затоа Христос вели: „Ни вратите на пеколот црквата нема да ја надвладеат“.
Јас колку можев се потрудив за мојата Православна Вера, за својата Македонска Православна Црква, за мојот Македонски Православен народ, сега им оставам на младите тие да го продолжат Заветот на Св. Апостол Павле. „Поју“ Богу моему дондеже есам. Кредо ерго сум.
Докса тотеон пандон енекон. СЛАВА НА БОГА ЗА СЕ’.