ИНТЕРВЈУ НА СТРУМИЦА ДЕНЕС СО МАЕСТРО ЗОРАН ЏОРЛЕВ: Никогаш нема да ги заборавам моментите поминати во мојата Струмица!

јули 14, 2019

Зоран Џорлев е наш познат виолинист, вокален изведувач и професор. Родум од Струмица, низ годините, музичарот со неверојатно вештите раце , полека , но сигурно прерасна во симбол на квалитетната современа македонска музика. Тој е синоним за она познатото – „Светско, а наше!“ За потеклото на неговиот извонреден талент никогаш немаше сомнежи – тој е син на Наско Џорлев, големиот композитор на народна музика.

Џорлев е роден во Струмица на 10 јануари 1967 година, каде го поминува детството, живеејќи на улицата „Пере Тошев“ во близина на киното, заедно со братот Ристо (Ице) и сестрата Софче. Кога бил првооделенец, со семејството се преселува во Скопје. Уште во раното детство, во Струмица, започнува да свири на труба, хармоника и гитара. Во 1977 година почнува да свири и на виолина, откако претходно во музичкото училиште бил одреден да свири на пијано, зашто „немал предиспозиции за виолина“.

Дипломира виолина на Факултетот за музичка уметност. Познат е по обработките и изведувањето на македонските народни и забавни композиции, обработки на филмски, џез, етно теми. Член е на многу камерни оркестри и македонската филхармонија.

Одреден период работи и како професор по виолина, а беше и директор на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје. Во јануари 2011 беше назначен за директор на ансамблот за народни игри и песни „Танец“, каде останува се’ до август 2017 година.

Тимот на Струмица Денес има голема чест да поразговара со познатиот музичар за неговите почетоци, раното детство и патот кон успехот. Во продолжение, кратко интервју со Зоран Џорлев.

  • Кои се вашите најубави спомени од родната Струмица? Дали по преселувањето, брзо свикнавте на побрзиот начин на живот во главниот град?

Зоран Џорлев: Детството го поминав во Струмица, каде што сум роден во 1967 година. Мојата улица „Пере Тошев 12“, веднаш под киното, ќе ја паметам цел живот. Бев многу палаво дете, најпознат по брзото трчање и најинтересно – штом ќе стигнев дома, пред врата задолжително паѓав и ги “дерев” колената, на кои и денес имам лузни. Често пати кришум бегав од дома, па мајка ми Грозда знаеше да ми облече големи чевли, но и тоа не помагаше да ги реализирам идеите. Инаку, најраните сеќавања ми се врзани за сестра ми Софче и братот Ице. Софче, некоја година постара, имаше заштитнички однос, посебно изразен кога сум јас во прашање. Многу беше интересно – секогаш кога некој не’ задеваше, кога ќе се појавеше Софче, децата трчаа викајќи: „Бегајте, иде сестрата на Ице и Зоки“. Иако беше девојче, постојано не’ бранеше од се’ и сешто. Во тоа време палавштините беа познати кај сите деца во маалото. Игравме „мижничка“, камај , керна и сл… По толку многу случки, сигурен сум дека никогаш нема да ги заборавам другарите од маалата: Мите, Бубе, Мито,Томе, Жан, Донка, Коле, Вангелица, Јанко… Дел од нив се во Струмица, дел по дијаспората….

Најтежок период во безгрижните години на детството беше времето кога се преселивме во Скопје. За Софче и Ице не беше толку страшно бидејќи беа повозрасни, но јас, првоодделенец, се соочив со сосема нова средина, нови другарчиња, друг менталитет….Училишниот џагор беше сосема различен од оној што го имаше на мојата улица „Пере Тошев“…

  • Во кој момент од детството сфативте дека музиката е вашиот животен повик? Колкаво влијание во развојот на вашата љубов кон музиката имаше вашиот татко?

Зоран Џорлев: Во нашата куќа во Струмица продефилираа безброј музичари и пејачи. Татко ми Наско држеше секојдневни проби, особено пред да замине на некоја турнеја, и сакал- нејќел, во мене се всади музиката, посебно македонската народна, која татко ми цел живот ја работеше и промовираше. Во центарот на градот постоеше книжарница што ја водеше чичко Јосиф, другарот на тато, и во неа често пати со голем восхит свирев на труба, хармоника, гитара…

Татко ми патуваше многу. Кога сум се родил, па се’ до 40 дена, тој бил на турнеја. Подоцна почнав да свирам со него за да сме заедно што повеќе време, да биде до мене. Животот на слободен уметник беше многу тежок за тато…Тој е мојот учител и секако да не бил тој, сигурно не би го постигнал ова денес што го постигнав.

  • Во јавноста е позната приказната за наставникот кој ќе ви каже дека немате талент за свирење виолина, а денес, скромно кажано, вие сте најпознатиот виолинист во државата. Какво беше чувството да се прими таков коментар, пред се’ од педагог и од личност која треба да ве поддржува во она што го правите? Беше ли демотивирачко?

Зоран Џорлев: Желбата за свирење виолина се појави подоцна, поточно во 73. година кога се преселивме во Скопје, но стана реалност дури во 1977, бидејќи претходно, по преслушувањето во музичкото училиште во Скопје, бев одреден да свирам пијано, затоа што „сум немал предиспозиции, поточно прсти за виолина“…Напротив, тоа ми даде уште поголем мотив да не се откажам од сонот и да го живеам сонот….Тоа ми е водилка да ги мотивирам уште повеќе моите ученици.

  • Што би им порачале на сите оние млади ентузијасти, кои сакаат да се занимаваат со музика? Дали дипломираните музичари можат да го „извадат“ лебот во нашата татковина?

Зоран Џорлев: Најбитно е да ја сакаат музиката со сета своја душа, и со страст. Да размислуваат во духот на уметноста а не во духот на заработувачката. Многумина велат дека поуспешни се оние кои имаат талент, но јас велам дека талентот е ништо без многу труд и умна и чесна работа. Сеуште имам верба дека допрва доаѓаат генерации кои ќе направат многу повеќе од нас. Музиката ни е душевна храна во секојдневието, најубавата порака која допира до секого. Замислете како би изгледал еден ден без музика, еден филм без музика, една забава без музика… Музиката е присутна во нас дури и тогаш кога не ја слушаме.

За жал, тешко. Како и во други професии, треба да работат и хонорарно на повеќе места како би го заработиле нешто повеќе. Најверојатно треба да се обмисли една подобра стратегија што ќе отвори можност за повеќе работа, за сите. Во таа насока се и моите залагања, со промовирање пред се на македонската музика, со работа на проекти во кои се вклучени млади луѓе… но, тоа е само еден аспект, мислам, недоволен, за подобра слика треба повеќе залагања. Сепак сум ентузијаст како што кажав и претходно, доаѓаат нови генерации во кои ја гледам подобрата иднина на Македонија не само во музиката туку и пошироко.

  • Станавте уредник и водител  на популарните музички емисии “Зајди зајди”, “ Зора зори” и “По патот на песната” . Какво беше чувството да се застане пред камерите и да направите заложба на сите гледачи најблиску што може да им го приближите квалитетниот македонски мелос?

Зоран Џорлев: Постојано се жалиме и негодуваме за потиснатоста на македонската музика од надворешното влијание. Јас повеќе претпочитам да преземам нешто, отколку да се жалам. Емисиите беа мојот начин за извлекување од депресија на македонската песна.

Кога започнав со ТВ-емисијата „Зајди зајди“, се посветив на враќање на медиумското достоинство на македонската изворна, но и новосоздадена народна песна. Потоа продолжив со „Зора зори“. По таа емисија морав да се посветам на „Танец“, на нашиот единствен национален ансамбл за народни игри и песни. По четири години отсуство, повторно почувствував потреба да ѝ се вратам на телевизијата и ја реализирав ”По патот на песната”.

  • Добитник сте на безброј награди и признанија. Дали можете да издвоите една награда, која ете, отсокнува од другите и засекогаш ќе ви биде посебна и особено драга?

Зоран Џорлев: Секоја награда ми е посебно драга и секоја е дел од мојот животен мозаик на успехот.

 

  • Кое, според Вас е идеално место и време за создавање музика?

Зоран Џорлев: Кога живееш за музиката, таа е присутна со тебе 24 часа. Идеално место е моментот кога ќе дојде инспирацијата. Знам многу често и да се разбудам во текот на ноќта и да запишам некоја инспирација.

  • Од кого ја добивате најголемата поддршка во она што го правите и во она во кое и’ сте познат на широката македонска и светска јавност?

Зоран Џорлев: Ме мотивира искрената љубов, искрените пријатели и фанови, семејството, убавата музика…. Тоа ми дава сила да не се откажам да го одживеам сонот. За жал во последно време се почесто гледаме и се разочаруваме од луѓе и ситуации, водени и предизвикани од личен интерес и лажно пријателство. Знаете, кога намерите и чувствата ви се отворени и искрени, без скриени мисли, се надевате дека и останатите размислуваат на ист или сличен начин, но за жал не е така. И покрај годините и искуството, сеуште ми се случува да гледам со “розови очила”, но не можам да се откажам од начинот на кој што работам и живеам. Ако ја немав подршката од сопругата и децата, ќе беше тешко, многу потешко…
Со години наназад од голем дел „поддржувачи на македонската музика“ слушам само БРАВО, а кога треба да поддржат некои активности, одзивот е речиси никаков. Тоа не ме демотивира, продолжувам да чекорам напред, со божја помош и верба во себе. Сеуште верувам и се надевам дека ќе се смени нешто, на подобро.

  • Каков е Зоран Џорлев како родител? На нашите читатели им е познато дека и двајцата ваши синови ги следат вашите чекори и полека, но сигурно запливуваат во музичките води.  Наско дипломира на Факултетот за музичка уметност – отсек гитара, а во меѓувреме и тој се занимава со музика и педагогија. Помалиот син Мартин, исто така заврши основно музичко образование – отсек класична хармоника и има освоено десетици први републички и меѓународни награди. Дали можеби сега се гледате и се поисоветувате во улогата на вашиот татко, кој со исто толку голема љубов некогаш ве научи на најважните лекции од областа на музиката?

Зоран Џорлев: Моите деца, и покрај забавата што ја практикуваат сите деца, на компјутери, видеоигри и слично, првенствено наоѓаат забава во заедничкото дружење, во музицирање, шетање во парк, гледање филмови, следење музички настани, концерти, а јас многу често со задоволство и радост учествувам во голем дел од тие активности. А, користа од тоа е секогаш двојна, забава за сите, но и заеднички разговори за се околу нас, за нашето секојдневие, за плановите и можностите во иднина.

 

  • Со сопругата Офелија неодамна прославивте 25 години брак. Која, според Вас, е тајната на успешниот брачен однос?

Зоран Џорлев: Мојата сопруга, Офелија, да не звучи претерано, е извор на мојата енергија и среќа. Едноставна жена на која упорноста, работливоста, но и скромноста и се карактерна особина. Прекрасна мајка на моите две деца. Таа и децата, ја чинат смислата на мојот живот. Нашиот брак се темели на искреност, истрајност, разговор, верност, меѓусебно разбирање и многу љубов. Од самиот почеток па се до ден денешен, среќата ја градиме на убавите моменти.

  • Од неодамна не сте „заглавени“ со многубројните обврски кои со себе ги носеше директорскиот ангажман во „Танец“ и средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“ -Скопје. Сега може да се посветите само на педагошката работа. Ви недостигаше ли тоа? Дали поучени од сопствено искуство во своите педагошки методи почесто ги вклучувате пофалните зборови, отколку критиките?

Зоран Џорлев: Лично ја поднесов мојата оставка пред точно две години.Сакав да се посветам потполно на педагошката работа, семејството и на виолината. Жал ми е само што се изнаслушав и изначитав се и сешто по социјалните мрежи, но свесен сум за одредени аспекти во човековата природа, како и за фактот дека покрај сувото гори и суровото. Но, факторот време работи независно од било кој и ќе ги изнесе работите на свое место.

За време на мојот ангажман како директор, јас не престанав со педагошката дејност туку намалив со интензитетот, така што сега работам со полн интензитет и се чувствувам како прероден. Како професор по виолина и камерна музика, работата со младите ми е задоволство и им се радувам на секој нов успех. Се трудам максимално да се посветам на младите генерации, со цел да доживеат моменти, кои ќе ги направат исполнети и среќни, и се надевам дека, барем донекаде успевам во тоа.
Педагошката работа и дружбата со виолината, музицирањето, најмногу ме исполнуваат и будат во мене најпријатни чувства и многу позитивна енергија.

Пред се најважно ми е да бидам искрен и реален, а учениците да ги прифатат критиките и да ги претворат во пофалба. Искуството ми кажува дека покрај добрата настава, најбитен фактор е педагошкиот пристап кон ученикот, да се научи да биде самокритичен и реален.

  • Пред две години прославивте јубилејни 40 години од вашето постоење на македонската музичка сцена. Кои се вашите планови во однос на кариерата за во иднина? Кога обожавателите на вашата музика и сите тие прекрасни преработки, ќе може да се израдуваат на нешто ново од Вас?

Зоран Џорлев: Како и до сега, продолжувам со истото темпо и начин на работа. Како што вели нашиот народ само здравје и со Господ напред, се ќе си дојде на свое место.

Пред седум месеци го издадов моето ЦД !Свирете ја Зајди зајди”, со 15 преработки на Македонски поп композиции и оваа година, во тој поглед не е во план ништо ново. Во меѓувреме работам на разработка на неколку проекти кои се надевам ќе ја дочекаат светлоста на денот.

 

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ