„Еуромакс рисорсис“: Имаме аргументи, ќе се бориме за Иловица

јуни 15, 2018

Златото на Огржден замати уште една контроверза – ќе има ли рудник? Извршниот директор на компанијата „Еуромакс рисорсис“ Варшан Гокул од седиштето на канадската компанија во Лондон,` два-три пати месечно доаѓа во Македонија. „Еуромакс рисорсис“ е концесионер на рудникот за злато и бакар „Иловица“.

Дали Иловица ќе биде пример за безбедно и одговорно рударство како што тврди „Еуромакс“ или рудник на смртта како што велат населението и еколозите?

Ние тврдиме дека ќе биде рудник на можности. „Еуромакс“ го спроведува проектот согласно домашното  и интернационалното законодавство и проектот нема да има негативно влијание врз локалната средина и населението. „Еуромакс“ се труди да направи сѐ што може да го зачува здравjето на локалното население. Работиме четиринаесет години во регионот и сѐ што правиме е во согласност со начелата на безбедност и одговорност.

Ако е така, зошто jавно, на тв дебата, не сакате да се соочите со противниците на идеjата за рудникот? Велат дека ве повикуваат повеќе од една година.

Ние сме отворени за средби со сите заинтересирани страни и тоа сме го докажале во изминатиот период. Секојдневно имаме средби со сите заинтересирани граѓански здруженија и институции. Ги поканивме на средба и граѓански организации коишто се против изградбата на рудникот, за да се запознаеме и да им ја дадеме целата документација за проектот. Иако истата е целосно јавно достапна, ние сакавме да им ја дадеме лично.

Тврдат дека манипулирате. Имаше многу средби изминативе години на коишто беа викани бизнисмени и на коишто, поради тоа што беа мали просториите, само по еден – дваjца од тие што се страшни можеа да влезат. Ќе излезете ли конечно на јавна дебата?

Да, секако. Ние сакаме да зборуваме за проектот затоа што нашите аргументи се научно поткрепени и се резултат на долгогодишни истражувања од домашни и странски експерти.

А ќе има ли таму претставници на еколошките здруженија и на населението?

Да, секако. Со секој што е зинтересиран ние сме спремни да разговараме јавно. Не може да ги манипулираме медиумите. Треба да се расчистат работите, меѓутоа треба да се зборува вистинито, затоа што не е во ред обвинувањата да бидат паушални туку мора да бидат базирани на факти. Ние и веќе ги повикавме граѓански организации на средба која беше одбиена.

На 16-ти, в сабота, е најавен масовен протест против рудникот пред вашето седиште во Струмица. И скопјани се солидаризираат со протестот и ќе бидат пред Влада. Има најави за отпор и во други градови. По секоја цена сте решени да го отворите рудникот? Бидејќи демократијата е таа која што треба да биде одлучувачка во вакви спорни прашања.

Ние сме отворени и сакаме да чуеме што имаат луѓето да кажат. Протестите се можеби некаква индиција дека луѓето се против и дека сакаат да не се отвори рудникот. И доколку тие упорно тврдат дека не сакаат, ние ќе заминеме . Меѓутоа, нема да заминеме така лесно, нема да се предадеме и нема да отидеме без борба бидејќи веруваме во проектот. И неточна е перцепцијата дека целокупното население е против проектот. Имаме и поддршката и таа се повеќе се зголемува. Сакаме да им ги претставиме на луѓето сите економски бенефиции што ги носи овој проект, дека нема влијание врз животната средина, како и социјалниот придонес што ќе го има овој проект за земјава. Ние ќе се бориме затоа што јас верувам во овој проект и мислам дека е изготвен според најдобрите меѓународни стандарди. Ние имаме сериозни акционери од Обединетото Кралство, од Америка и тие и ние сакаме ова да биде изведено на одговорен начин. Се разбира, доколку има индиции дека луѓето од Македонија не нё сакаат, дека не ги сакаат и парите што ги носиме, на крај ќе заминеме. Меѓутоа, повторувам, нема да си одиме без борба. Не се откажуваме така лесно. Ние слушаме. Ние ги сакаме нивните коментари, тие се добредојдени. Тие се дел, како и протестите, од демократскиот процес. Еве, како доказ дека слушаме, прво го воведовме цијанидот, меѓутоа откако луѓето се побунија и имаше реакции, ние го отстранивме цијанидот. Нема да го користиме цијанидот иако тоа е многу безбеден процес. Експертите можат да го потврдат тоа. Сето тоа ќе доведеше до производство на македонско злато. Македонското злато што потоа би се продавало на Народна банка и ќе одеше во резервите на Народна банка и на Македонија. Тоа ќе беше и гордост на Македонија. Би се чувствувале горди да имате македонско злато. Протестите се на еден начин комуникација, а комуникацијата е важна. Покрај акционерите од странство има и дел од локалното население што не е против отворањето на рудникот, што не е против овој проект. Да не заборавиме дека имаше два неуспешни референдуми во Босилово и Ново село. Тоа е показател дека имаме поддршка од локалното население.

Од 2012 година сите овие работи му се познати на населението, а тие повторно се против. Што ново ќе примените за да ги убедите?

Нема нови факти, но важно е фактите да се разберат како што треба. Ние сметаме дека има многу недоразбирања во врска со целиот проект. Ова е еден комплициран, сложен проект. Мислам дека информациите не се целосно апсорбирани од населението. Овој проект е еден од најголемите проекти во Македонија и луѓето можеби досега имале некаква слика за рудниците, меѓутоа овие рудници што постојат со години се многу стари а ова е еден нов, модерен рудник. Нашите студии се базираат на наука, а науката единствено дава одговор за реалните факти за овој проект. Подготовката на овој проект се одвива низ сложени фази, согласно законската регулатива. Во почетокот се прави прелиминарна студија. Цело време ја следиме животната средина, водите, прашината, бучавата и се добиваат сѐ повеќе податоци и сето тоа треба да биде инкорпорирано во студиите. На тој начин информациите се надградуваат со текот на времето. На овие студии работат и македонски и меѓународни репрезентативни експерти. Тие се професори од факултетите во Штип, од Природноматематички факултет во Скопје и меѓународни експерти.

Ако е правена стратегијата на производство со вклучен цијанид, а сега го исклучувате, дали направивте нова студија, дали за новонастанатата состојба формално ги информиравте надлежните институции?

Направивме дополнителен елаборат кој што ќе биде анекс на постојната студија. Во основа, го извадивме од студијата делот за употреба на цијанид, односно ќе се користи процес флотација којшто е целосно безбеден. Студијата е валидна со сите други податоци.

Факт е дека во време на претходната влада ги добивте сите потребни одобренија, а оваа ги испитува условите за раскинување на договорот. Кое е вашето објаснување, дополнително што една од партиите на власт која беше дел и од претходната влада упати 19 забелешки за рудникот, тврдејќи дека Студијата за оценка на влијанието врз животната средина, студијата за која што велите дека ги поминала сите инстанци, не одговорила на многу суштествени еколошки прашања и не дава гаранција дека се пристапува со потребна одговорност кон прашањата коишто се од животно значење за жителите што живеат во Босилово и во Струмичкиот регион?

Развојот на проектот Иловица-Штука е започнат од 2004 година и трае се до денес. Тоа зборува дека проектот се разивал во период кога се смениле повеќе влади во Македонија. Ние го развиваме проектот согласно законите на земјата и интернационалните регулативи, бидејќи ЕБОР која е еден од нашите најголеми акционери, има уште построги барања во делот на животната средина.  Работиме со надлежните институции за да најдеме решение за понатамошен прогрес на проектот. Ние се соочивме со еден тежок период на транзиција, кога техничката Владата имаше ограничени овластувања заради препораките од Антикорупциската комисија. Но тој период е зад нас и нема никакви пречки за проектот да не продолжи понатаму, имајќи предвид дека проектот работи согласни зајвисоките стандарди.

ЦЕЛОСНОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ——– ОВДЕ

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ