strumica denes logo

EПИСКОП ЈАКОВ: МРАЗИ ГО ГРЕВОТ, А ЉУБИ ГО ГРЕШНИКОТ

Автор:

Датум:

декември 23, 2018

Категории:

Култура

Автор:

Датум:

декември 23, 2018

Категории:

Култура

Често, дури и во Црквата, за жал, можеме да видиме мешање, па и поистоветување на поимите грев и грешник. Црквата е Tело Христово, и во неа, сѐ до крајот на вековите, се остварува она заради коешто Христос дојде во овој свет – покајанието и преобразувањето на личноста.
„Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание“ (Матеј 9, 13).

Покајанието, односно преумувањето на грешникот, е најголемото чудо што се случува во Црквата. И тоа такво чудо, поради кое настанува општа радост на небото меѓу ангелите.

Епископот на Црквата ја продолжува проповедта на свети Јован Крстител во овој свет: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (Матеј 4, 17). Многупати сме рекле дека Епископот Го сведочи Христос – Оној Христос, Кој седеше и јадеше со митници и грешници, поради што го осудуваа „праведниците“ на овој свет, а во идниот ги испреварија токму осудуваните. Но, Епископот во Црквата, исто така, сведочи и ревнува како Христос, Кој гледајќи го храмот на Својот Отец, претворен во разбојничка пештера, место на трговија и среброљубие, го разобличи гревот и ги растера трговците (види: Матеј 21,12–13).

Нема да најдеме ниту еден пример во Евангелието каде што Христос отфрла и се оградува од некој грешник, па дури и од оние најочигледните, за чиј грев сведочел целиот град, како на пример, жената фатена во прељуба, осудена од сите на каменување (види: Јован 8, 3–11).

Епископот мора да го одвои гревот од грешникот и да му остави простор на грешникот за покајание во Црквата, но секако, не смее да дозволи коегзистенција на гревот и грешникот.

Гревот го мразиме, а грешникот го љубиме. Тоа е вистинскиот однос на Црквата кон гревот и кон грешникот. Црквата никогаш, без исклучок, не прави компромис со гревот, но во однос на грешникот се однесува како мајка, понекогаш со педагошки мерки (епитимии), што ги пропишуваат каноните на Црквата. Но, и тогаш тој однос е крајно љубовен, како родителот кога го казнува детето, и имаат за цел да го освестат и да го поттикнат грешникот на покајание, но не да го унижат и погубат.

Во тој процес може да се појават две духовни девијации – секако, не на Црквата, туку кај самиот грешник и кај духовно сѐ уште неизградените нејзини чеда, кои се држат до некоја човечка правда.

Првата е кога грешникот толку се поистоветил и го засакал гревот, што односот (отфрлањето) на Црквата кон гревот го доживува како лично отфрлање, и не може во тој однос да ја види љубовта и грижата за своето лично спасение, бидејќи се довел до таква тажна состојба, што не може, односно не сака да живее без гревот.

Втората е кога христијаните, кои се членови на Телото Христово, го поистоветуваат гревот со грешникот и не одвојувајќи ги, го презираат и мразат подеднакво и гревот и грешникот. Тоа е уште понесреќна состојба од првата, бидејќи првиот веќе ја продал душата на ѓаволот, а ние во Црквата, со нашиот однос, му ја одземаме и најмалата можност за покајание. А, забораваме дека Бог и самите нас нѐ избави од ропството на гревот и ѓаволот, нѐ изми и нѐ очисти, и ни се откри како Бог, Кој ги милува и спасува грешниците. Што правиме во Црквата и што е нашиот подвиг, ако не непрестајно христовподобување!?

Има еден излез и од оваа жална состојба. Да видиме колку сме неслични со Христос и да заплачеме за самите себе, па тогаш сигурно поинаку ќе гледаме и на нашите собраќа-грешници.
Епископот на Црквата, никогаш и никако, не може да му даде легитимитет на гревот и да го оправда, особено не внатре во Црквата. Но, исто така, никогаш не може и не смее, а да не им остави простор за покајание на паднатите, оти Црквата е место на грешници, кои се каат и сакаат да се покајат, а за оние што сѐ уште ни изгледа дека не сакаат, да се помолиме Бог да ги вразуми и да им подари покајание.

~ Викарен Епископ Јаков Полјански